Ни по пет месеци не е направено ништо за заштита на граѓаните на кобната локација
Минатата година, кон крајот на октомври, битолската јавност беше шокирана. Двајца браќа, А.Н. (68) и К. Н. (63), кои им беа добропознати на битолчани, само за неколку минути ги загубија своите животи од чешмата за полнење минерална вода кај местото Кисела Вода, во близината на селото Крстоар.
„Чешмата убиец“, како што ја нарекуваат битолчaни со децении, така одзеде уште два живота. Со оглед на тоа што непосредно пред да се задушат браќата, од смртоносниот гас на чешмата почина уште еден битолчанец, во 2022 година дури тројца битолчани ги загубија животите на истото место и од иста причина.
Според сеќавањето на граѓаните на Битола што со години полнат минерална вода од оваа чешма, за изминатите 15 години токму тука, кај Кисела Вода, настрадаа над десет битолчани. Смртта на двајцата браќа А.Н. и К.Н., за жал, повторно ги оживеа тажните сеќавања на граѓаните што во изминатите години загубија свои најблиски од труење токму на ова кобно место.
И како што е вообичаено кај нас, по задушувањето на двајцата браќа надлежните општински и здравствени власти реагираа „брзо“ и „ефикасно“. Тоа значеше дека веќе наредниот ден по трагедијата излегоа на теренот и, по фотографирањето пред медиумите, најавија брзи и ефикасни мерки за дефинитивно решавање на случајот со чешмата, која досега со смртоносниот гас од јаглеродниот диоксид однесе над десетина животи. И толку.
За жал, од тој трагичен октомври 2022 година изминаа речиси пет месеци, а од најавените мерки за решавање на овој проблем сѐ уште нема ништо.
Во тоа се уверивме и ние кога ја посетивме „чешмата убиец“ и кога таму затекнавме сосема иста слика како пред задушувањето на двајцата браќа. Влезот до чешмата е затворен со вратиче, заклучено со истото катанче, кое без многу напор може да се отвори во секој момент, и тоа е сѐ што е превентивно преземено од надлежните за заштита на луѓето што би сакале да влезат да наполнат вода.
Сега пред самата локација, за разлика од порано, нема ни табла за предупредување, која ќе ги опомене посетителите дека чешмата е опасна за полнење минерална вода, бидејќи никој не знае кога таа ќе го испушти смртоносниот гас. Единствената разлика од порано е што сега немаше дојдено луѓе да полнат вода токму тука. Околу чешмата сѐ беше празно, а можеа да се забележат само некои битолчани што секој ден полнат „сребрена вода“ од чешмата кај манастирот „Св. Георгиј“, која се наоѓа само на триесетина метри од „чешмата убиец“.
Во разговорот со овие луѓе само ни се потврди она што веќе го знаевме и за што алармиравме во неколку наврати. Имено, ни беше речено дека иако по трагичната смрт на браќата беше ветувано дека надлежните општински служби и инвеститорот, кој ја реконструира кафеаната што се наоѓа токму тука во непосредна близина, ќе направат сѐ да ги заштитат луѓето што полнат вода од оваа чешма, да не се случи нова трагедија, не е направено буквално ништо.
„Чешмата убиец“ е заштитена само со едно импровизирано катанче, кое секој може да го отвори и да се симне по неколкуте скали до чешмата. Иако на ѕидот над чешмата стои напишано предупредување дека е опасно полнењето вода од чешмата, сепак сѐ уште има храбри луѓе што не се плашат и полнат вода од оваа чешма
– Не можам да ги разберам луѓето зошто полнат вода од смртоносен извор. Иако водата е здрава и исправна, проблем е гасот. Треба да знаат дека е опасно по живот. Ама не можам да ги разберам ни надлежните зошто не го затрупаат или барем да го заштитат изворот оставен така уште од времето на османлиите – вели Ило Илиевски, домаќин на црквата „Свети Георгиј“ во месноста Сребрена Вода.
Од Центарот за јавно здравје во Битола изјавуваат дека нивната надлежност околу чешмата е само во делот дали водата е исправна за пиење или не. За физичката безбедност на чешмата и заштитата на граѓаните се надлежни општината и инвеститорот.
Но, за жал, на сето ова се мисли само кога некој ќе настрада. Веднаш потоа, освен поставување нова табла за предупредување, која издржува само неколку дена пред да биде уништена и фрлена, сѐ друго се заборава.
Надлежните во изминатите години имаа подготвено толкување дека со тоа што е спуштена под површинското ниво, долу собира отровен гас, кој е причина за повеќе смртни случаи досега.
Битолчани се децидни дека таа треба да се затвори или, пак, да се најде начин да се издигне над површината на земјата, со што ќе се избегне опасноста смртоносниот гас да се акумулира и да претставува потенцијална опасност од труење на граѓаните што полнат од оваа вода. Затоа и присутните со кои разговаравме за време на нашата посета на Кисела Вода упатуваат апел до општинските власти што поскоро да преземат мерки за заштита од „чешмата убиец“, за да не ни се случат нови трагедии, кои најчесто се проследени со смртни последици.