Компанијата „Веридос“ внимателно го разгледа барањето испратено од Централниот совет на Македонците во Германија за обезбедување на пасоши. Претседателот на Централниот совет на Македонците во Германија, Роберт Кленкоски, изрази загриженост поради можни одложувања во испораката на пасошите од компанијата, преку писмо до управниот директор на „Бундесдрукерај“ Стефан Хофшен. Беше наведено дека ваквата ситуација би претставувала сериозен проблем за македонските граѓани кои треба да ги обноват своите лични документи.
Управниот директор на „Веридос“, Марк-Џулијан Сиверт, експлицитно го истакна значењето на временската точност во испораката на пасошите за македонските граѓани. Тој нагласи дека компанијата активно работи за решавање на можни пречки и обезбедување на брза достава на пасошите, како и дека досега не се забележани доцнења во испораката на обрасците за пасоши.
Централниот совет на Македонците во Германија затоа го поставува прашањето, доколку нема доцнење во испораката од „Веридос“, дали можеби долгото чекање за нови пасоши е предизвикано од ограничени капацитети во македонските институции? Дополнително, чекањето за апликации во македонските претставништва во Германија, како што е случајот во Бон, е израз на сериозен проблем, велат од Централниот совет на Македонците во Германија.
– Апсурден е фактот дека македонските граѓани можат да патуваат со возачка дозвола и да гласаат со пасош со натпис „Република Македонија”, но не можат да излезат од својата земја или да патуваат од дијаспората за да учествуваат на изборите. Затоа, Централниот совет ги поканува сите пратеници во македонското Собрание да подготват брзи законски мерки за враќање на слободата и мобилноста на граѓаните – наведуваат од Централниот совет на Македонците во Германија.
Невладиното здружение кое ги штити правата на Македонците во Германија енергично апелира до Собранието и Владата на Република Македонија да преземат неодложни мерки за обезбедување на основните човекови права и решавање на проблемот со разликата помеѓу возачките дозволи и пасошите.
Централниот совет на Македонците во Германија е непрофитно и невладино здружение кое се залага за интересите и правата на македонската заедница во Германија. Со седиште во Берлин и со долгогодишна традиција на промовирање на културните, општествените и политичките каузи, Централниот совет ги застапува интересите на Македонците во Германија.
„Веридос“ како заедничко претпријатие помеѓу „Бундесдрукерај” и „Гисеке+Девриент”, нуди широк портфолио на производи и услуги, вклучувајќи пасоши, лични карти, здравствени карти и софтверски решенија за безбедни идентификации.