ОГНОМЕТИТЕ И ПЕТАРДИТЕ НАПРАВИЈА ВОЗДУХОТ ВО СКОПЈЕ ДА МИРИСА КАКО НА БОЈНО ПОЛЕ

Колку иронично и да звучи, првиот ден од 2022 година, по енормното загадување на воздухот што граѓаните сами си го подготвија, откако неконтролирано масовно детонираа петарди и огномети, Водно беше преплавено од поборници за чист воздух и здрав живот, кои со автомобили се искачија до Средно Водно, за да ги искористат чистиот воздух, топлото време и зимското сонце, кое овој пат имаше атрибут на – пролетно

Долгоочекуваниот пречек на Нова година помина, меѓутоа преминот од една во друга година беше катастрофално и неодговорно дочекан од некои од жителите на главниот град. Скопје традиционално се тресеше од пукање петарди, огномети, се слушаше и огнено оружје, а загаденоста на воздухот достигна алармантни бројки. Од петарди се оштетуваше урбаната опрема речиси во секоја населба, а по енормното загадување на воздухот, кое сами си го направивме, скопјани на први јануари, со возила заминаа на Водно за да ги прочистат белите дробови и да се надишат чист воздух.

МАГЛА ОД БАРУТ

Факт е дека цинизмот и иронијата ни одат од рака, посебно знаеме да го демонстрираме тоа на социјалните мрежи, кога станува збор загадувањето на воздухот и зачувувањето на животната средина. Па, така, за неодамнешното загадување на воздухот сите експресно реагираа на социјалните мрежи, фрлаа отровни стрели по надлежните дека итно се потребни мерки за намалување на загаденоста. Кога мерките беа донесени, плукањето продолжи, а кога загаденоста се смири и мерките се укинаа, повторно почнаа нападите на надлежните. И сето тоа траеше до последниот ден од минатата година, кога се чини дека граѓаните се забораваат и се препуштаат на новогодишната еуфорија.

Па, така, на 31 декември 2021 година, на скопјани воопшто не им пречеше енормното загадување на воздухот, кое традиционално се случува како последица на пукањето петарди и огномети. За тоа дека над Скопје буквално имаше обрач од чад од пиротехника, сведочат и мноштво фотографии од жителите на Нерези, но и од оние што новогодишната ноќ ја пречекаа на видиковците на Водно.

– Се пукаше како да има војна и тоа е така веќе секоја година. Морав децата со сила да ги држам будни некаде до еден часот по полноќ, затоа што ако заспијат, ќе се исплашат од толку пукотници. Небото беше бело, како постојано молњи да удираа, воздухот беше маглив и смрдеше на барут. Се пукаше како да е последен ден од животот. Кај нас во Бутел навистина беше неподносливо, а секоја година ситуацијата е сѐ полоша и полоша – истакна Марија Димовска.

СО ВОЗИЛА НА ВОДНО

Колку иронично и да звучи, првиот ден од 2022 година, по енормното загадување на воздухот што ние граѓаните сами си го приредивме, откако неконтролирано се пукаа петарди и огномети, Водно беше преплавено од поборници за чист воздух и здрав живот, кои со автомобили се искачија до Средно Водно, за да ги искористат чистиот воздух, топлото време и пријатното зимско сонце.
Петардите и огнометите беа оставени во минатата година и сите со своите автомобили заминаа на Водно да ги наполнат белите дробови со чист воздух.
Па, така, граѓаните, барем оние што се држат до здравиот начин на живот и кои на Водно се искачиле пеш, сведочат дека и на Средно Водно воздухот мирисал на издувни гасови, а паркираните возила биле по должината на улицата, бидејќи паркинзите биле преполни од возила.

– Надлежните мора да изнајдат начин да го решат овој проблем. Во саботата на Водно буквално не можеше да се фрли игла од што имаше метеж, и тоа хаосот беше направен од возилата. За кој чист воздух зборуваме, кога сите дошле на планина со возила? Дури и улицата надолу беше преблокирана затоа што имаше паркирано возила и по неа. Треба паркингот да се направи поскап тука, бидејќи сепак ова е заштитено подрачје, Водно ни е единствено место за рекреација и за дишење чист воздух, а како што тргнала работава, набрзо ќе го уништиме и него – вели Зоран Велјановски.

[email protected]