По одлуката на Министерството за правда во новите изводи од матичните книги на родените да се отвори нова графа за етничка припадност, се огласија бугарските здруженија. Тие веднаш ги повикаа македонските граѓани да извадат нови изводи во кои ќе им пишува – Бугари.
Можете полесно да стигнете до бугарски пасош, ако впишете дека сте Бугарин во графата за националност во македонските изводи, наведува преку социјалните мрежи бугарската „Фондација Македонија“, повикувајќи ги македонските граѓани да се изјаснуваат како Бугари.
Во нивниот апел тие упатуваат на донесените измените во упатството за водење на матичните книги и документација, според кои ќе има и графа за етничка припадност.
– Според новиот закон можете да го обновите изводот на родените и на него пишува националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе дава можност сигурно да се добие бугарско државјанство, но ако на изводот ти пишува бугарско, дефинитивно треба да добиеш бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Масовно се вадат изводи од С. Македонија, во кои е напишана националноста на Бугарин. Ова чини 250 денари – објавија од Фондацијата.