Бугарија во одредени околности може да ја омекне својата позиција кон Македонија и во текот на годината најверојатно ќе се согласи на старт на преговорите на земјата со ЕУ, вели професорот на Универзитетот во Велико Трново, Иво Инџов во традиционалната политичка анкета што софискиот весник „Дневник“ ја направи на стартот на новата 2022 година.
Тој не верува дека бугарската Влада ќе се распадне поради некој надворешно-политички предизвик.
Инџов, кој е политиколог и експерт за политичка комуникација, смета дека е можно Бугарија во одредени околности да ја омекне својата позиција кон Македонија, потенцирајќи дека на ниво на политичка реторика, бугарската позиција веќе еволуирала.
– За Брисел и за Вашингтон е несфатливото главното бугарско барање, општо кажано – Македонија да ја признае историската вистина на нашата заедничка историја, нашиот заеднички јазик до 1944 година – и тоа не може да се земе како сериозен аргумент за членство во ЕУ – смета Инџов.
Според него, овој „суштински елемент на бугарската позиција не отпаднал од преговарачкиот пакет“, туку Софија сега се фокусира на прашања кои имаат „мерливо“ решение.
– Такви се почитувањето на правата на граѓаните со бугарско национално чувство во Република Северна Македонија, нивно вклучување во Уставот на државата, рехабилитација на жртвите на комунизмот со бугарско чувство. Политиката на Северна Македонија во овие области има сериозни дефицити, а прашањето за човековите права е универзално и ЕУ не може да го игнорира – додава тој.
Според него, на Бугарија ќе и биде потешко да ја натера Македонија да го исклучи „говорот на омраза“ од учебниците, медиумите и спомениците.
– Бугарија била „ослободител“ за значителен дел од локалното население за време на Втората светска војна и формално не е „фашистички окупатор“. Но, според меѓународното право, таа, сепак, е само окупатор – вели Инџов, додавајќи дека во тоа време Бугарија била „авторитарна држава со фашистички тенденции во општеството и сојузник на нацистичка Германија и фашистичка Италија“.
Во врска со плановите на бугарскиот премиер Кирил Петков за издигнувањето на економијата како приоритет во односите меѓу Софија и Скопје, Инџов вели дека таквиот пристап може да придонесе за подобрување на билатералната клима.
– И покрај сериозните внатрешно-политички ризици од таквиот политички потег, во услови на зголемен меѓународен притисок и некои македонски компромиси, во 2022 година Бугарија најверојатно ќе ја пушти Македонија – нејзината на историски план најблиска земја на Балканот, да преговара за членство во ЕУ, предвидува Инџов.