Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра – информира на денешната прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Аплицирањето за годишните конкурси за финансирање проекти, како што посочи министерката, за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците.
-Во електронскиот систем се евидентирани 3.355 релевантни пријави, поради нецелосна документација во согласност со општите услови од конкурсот административно се отфрлени 332 пријави, има и примери кога апликантите не ги насочиле своите проекти во вистинска дејност и аплицирале во дејност каде не припаѓаат, а има и неколку случаи кога наместо документ за тековна состојба на правно лице не постара од шест месеци бил прикачен празен лист, и неколку случаи каде не бил активен статусот на здружението – рече Костадиновска-Стојчевска.
Со целосно аплицирање на електронски начин, како што додаде, значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите. Оваа година е избегната практиката констатирана претходно, проекти со нецелосна документација да бидат предмет на разгледување од страна на комисиите.