ФОТО: Оксана Рујаноска и приватна арххива

Ексклузивно за „Нова Македонија“ уметникот Борис Маскрчки, ни раскажа како се случило токму тој со своите фрески да го оживее ова светилиште, за начинот на работа, за дилемите и предизвиците со кои се соочувал, како и за новите искуства и познанства што ги стекнал за време на неколкугодишниот ангажман во Крушево

Борис Маскрчки (54) е ликовен уметник од Благоевград, Бугарија, кој последните шест години, летните месеци ги минуваше во Крушево, поточно во манастирот Свето преображение, каде работеше на фрескоживописот. Самиот го осликал речиси целиот внатрешен простор за вкупно една година и осум месеци работење на ова свето место, каде што балканскиот ангел Тош Проески секогаш со задоволство доаѓаше и како што велеше, го наоѓаше својот мир и црпеше енергија за сите предизвици.

„Честопати одам во манастирот „Свето преображение“ и мислам дека таму најмногу го чувствувам духовниот мир. Црквата почнаа да ја прават татко ми, и неколкумина негови постари пријатели, но дел од нив се веќе починати. И јас доста сум помагал при нејзината изградба и горд сум поради тоа“, ни рече Тоше, во нашето интервју во 2003 година.

Минатата недела, по цели 37 години изградба, манастирот беше осветен, а со литургијата и осветувањето чиноначлствуваше архиепископот г.г. Стефан во сослужување со митрополитите Петар и Јован и епископот Климент. Осветувањето се случи на 24 септември бидејќи на овој ден во далечната 1986 година крушевчани, меѓу кои беше и Никола Проески, таткото на Тоше, ставија камен темелникот за изградба на црква, врз темелите од стар сакрален објект,за кој се претпоставува дека е од 12 век. Изградбата се интензивира откако Тоше се вклучи во неговата обнова, а особено по неговата смрт.

Ексклузивно за „Нова Македонија“ го замоливме уметникот Борис Маскрчки, да ни раскаже како се случило токму тој со своите фрески да го оживее ова светилиште, за начинот на работа, за дилемите и предизвиците со кои се соочувал, како и за новите искуства и познанства што ги стекнал за време на неколкугодишниот ангажман.

Кога сфативте дека сликањето ќе стане ваша животна професија?

– Со сликање почнав да се занимавам уште од детските денови. Кога не си играв со децата си цртав дома, а на училиште им помагав на другарите на часовите по ликовно. Сакав да запишам средно-уметничко, во мојот роден град Благоевград, но сепак, животот ме насочи кон други патеки, па завршив средно-електротехничко училиште. Кога се вратив од служење на воениот рок, во 1993 година, ги споив талентот, и желбата за авантури во едно и заминав на Црно Море, каде во туристичките места правев портрети. По вараќањето дома дипломирав на Педагошката академија и стекнав звање наставник по ликовно. Постојано учев, работев на себе, се доградував. Патував многу, посетувајќи музеи и изложби, низ Европа. Денес живеам во родниот град со семејството, па иако не сум активен на социјалните мрежи и воопшто не се рекламирам, постојано имам

работа, и со своите раце ја хранам фамилијата. Инаку мојата сопруга е од Доњецк, Русија и се занимава со астрологија, а синот Никита го интересираат компјутерите.

Кога првпат дојдовте во Крушево?

– Мојата сопруга, исто како мене, сака да патува, да запознава непознати места и градови. Иако претходно сме биле во Македонија, поточно во Охрид на меден месец, таа 2016 година ни се укажа прилика преку една агенција да го посетиме манастирот Трескавец и градовите Прилеп и Крушево. Таму се видов и со Оксана Рујаноска, мојата сограѓанка и добра пријателка, а заедно поминавме и една убава вечер, бидејќи на Пеце Рујаноски, кој е од овој град и е нејзин сегашен сопруг, му беше роденденУтредента го посетивме и манастирот Свето преображение, ја слушнавме приказната за неговата изградба, а јас забележав дека целата внатрешност е бела, и си реков: кој ли ќе ја осликува оваа црква. Не ни препоставував дека тоа ќе биде токму јас. Една стара мудрост вели, многумина се поканети,а малкумина избарани. Прво манастирот го осликало едно младо момче, Велешанчето го викале, но тоа не можело да го издржи притисокот и си заминало. Ете, требало јас да дојдам.

Како се случи да станете дел од оваа приказна и што беше првото кое го насликавте?

-Бидејќи Оксана Рујаноска е блиска со семејството на Тоше Проески ја прашале дали можеби познава некој ументик, кој би можел да му одговри на предзвикот и да го ослика манастирот? Таа ме праша мене дали би се согалсил и откако мојот одговор беше потврден зема неколку слики од мене за да му ги покаже на Црковниот одбор. Кога неговите членови виделе што се сум работел, ми пратија слика на Свети архангел Михаил, за да ја насликам на еден од ѕидовите во манастирот. И заедно со Оксана еден викенд заминавме за Крушево, а кога стигнав во манастирот за 5-6 часа јас го насликав светецот и се вратив во Бугарија, без никој ништо да ми каже дали сум ја добил работата или не. Вистинско изнендување за мене беше кога по неколку дена ми јавија. „Пакувај се и доаѓај во Крушево, ќе го осликуваш манастирот!“ Радоста беше поголема поради тоа што ова е засега единствена црква што сум ја живописал.

Во манастирот „Свето преображение“ работевте цели шест години. Дали сте задоволен од сработеното?

-Имав одговорност да го дадам најдоброто од себе. Кога слушав за историјата на манастирот, знаев дека откако бил пронајден во 1970-те години, многумина помагале, волонтирале. Сите за црквата работат без никакво надомест.

А што се однесува до самиот процес на работа, најтешко ми беше да го насликам таванот, зашто морав да имам предвид дека луѓето ќе го гледаат од долу, а кога сте поблиску се менува впечатокот. Со членовите на Црковниот одбор постојано разговаравме, се договаравме, сите сакавме крајниот резултат да биде добар и го наоѓавме вистиснкото решение. Некои фрески ги направив веднаш со божја помош, пет сцени на таваните направив за 40 дена и самиот не можев да поверувам дека тоа е можно. Работев по 12, по 14 часа на ден, не ни јадев многу. Горев сликајќи, работев со голема љубов, желба, страст и цело време имав поддршка од сите, особено од блиските на Тоше.

Со нив многу разговарав и околу начинот на сликање, како и со членовите на Црковниот одбор, со отецот Павел, како духовник, со сите се договаравеме која сцена каде да се наслика. Фреските ги работев во руски стил, затоа што на Тоше , своевремено, тоа многу му се допаднало. А додека работев на скелињата, додека сликав ги слушав луѓето кои доаѓаа во голем број, буквално од секаде. Сите со голема почит зборуваа за Тоше, пееја песни, се молеа…

Споменавте дека сте имале некои соништа пред да дојдете во Крушево поврзани со црквата.

-Секоја година во мај пред да тргнам за Крушево, сонував некој сон поврзан со манастирот, со црквата. Ете, третата година сонувава дека од изворот, од каде се пренесува вода до манастирот, е послан црвен ќилим. Овој сон нема никогаш да го забравам.

Дали пред да дојдете во Крушево знаевте кој е Тоше Проески, за неговата успешна кариера и харизма?

– Ако не беше Оксана Рујаноска, моја пријателка јас немаше да знам за Тоше Проески. Таа е негов верен обожавател во Благоевград и е многу активна во чувањето на споменот на него. Подоцна почнав да се интересирам за него, па на Интернет почнав да истражувам за неговиот живот, да ги слушам неговите песни, од кои најголем впечаток ми остави изведбата на неговата песна „Арија“ што ја исполнува со Џана Нанини.

Освен фреските вие нацртавте и портрет на Тоше, кој е навистина впечатлив.

– Постоеше дилема каде да се наслика ликот на Тоше, дали внатре во црквата или некаде надвор. И се направи консензус, да стои неговиот лик надвор до каменот што тој секогаш го бакнувал. Семејството на Тоше, за ова прашање беше неутрално, велеа нека биде како што ќе каже мнозинството. А јас, пред да почнам да сликам, знаев дека работата на овој портрет е многу одговрна задача. Кога почнав имав чувство како да ме води некоја рака при сликањето, а енергијата на Тоше, неговиот дух како да беше таму, до мене. За шест часа го нацртав портретот, првите реакции на присутните беа добри и можев да здивнам.

Какви беа реакциите за внтрешниот изглед на црквата на осветувањето, што велеа посетителите, но и членовите на вашето семејство кои исто така дојдоа да бидат дел од овој свечен чин?

-Сите имаа само зборови на пофалба,а синот Никита кога влезе во манастирот рече: „Леле тато што направи, друи не ми се верува дека сето ова е твое дело.Јас секако ќе додјдам тука со тебе идното лето, бидејќи Крушево многу ми се допадна и има многу можности за забава, рекреација, прошетки…. Сопругата се пошегува дека кога Никита ја видел осликаната црква од моите раце, како да почнал да ме почитува уште повеќе.

Дали е се готово или остана уште нешто да се доработи во црквата?

– Идното лето треба да се доцртаат уште триесетина квадрати во црквата. Исто така ќе мора да се решат и некои мали технички проблеми и искрено се надевам дека сето тоа на време ќе се санира. Се радувам искрено на секое доаѓање во Крушево,а особено тука во манастирот се чувствувам многу убаво, поради чистиот воздух, билките од кои пијам здрави чаеви и пред се духовниот мир со кој плени ова место.

Мислите ли дека ова искуство ќе ви отвори нови можности во иднина?

– И само таа црква да остане што сум ја осликал тоа ми е доволно за цел живот, зашто ќе знам дека сум го направил она вистинското. Тоа е моето животно дело, а ако добијам и други покани ќе биде уште поубаво и покреативно. И нема да ми биде важно дали работам, во Бугарија, овде во Македонија или на друго место, бидејќи ние уметниците, барем повеќето од нас, не ги делиме луѓето по националност, за нас сите се исти. Јас, за време на осликувањето на манастирот, иако не бев во татковината толку време, додека престојував во Крушево, чувствував голема закрила од сите, како да бев дома. Има една библиска мудрост која вели, Господ не гледа со очите, туку со срцето и навистина е така.

ФОТО: Оксана Рујаноска и приватна арххива
ФОТО: Оксана Рујаноска и приватна арххива
ФОТО: Оксана Рујаноска и приватна арххива
ФОТО: Оксана Рујаноска и приватна арххива
ФОТО: Оксана Рујаноска и приватна арххива