Борбата против криминалот и корупцијата се води без селективност – институциите постапуваат врз основа на докази и закон, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во гостување во емисијата „Вечерно шоу со Богдан Илиевски“ на Алфа телевизија, Тошковски се осврна на повеќе актуелни безбедносни прашања, при што ја нагласи решителноста на институциите во борбата против криминалот и корупцијата, како и потребата од доследно почитување на владеењето на правото.
МВР, рече, во континуитет работи на зајакнување на институционалните капацитети и на унапредување на механизмите за откривање и спречување на криминалот. Секој случај се процесуира врз основа на докази и во координација со надлежните обвинителства и другите институции.
– Нашата цел е институциите да функционираат професионално, транспарентно и без селективност. Борбата против криминалот и корупцијата не смее да зависи од ничии лични или политички интереси, туку исклучиво од фактите и доказите. Законот мора да важи подеднакво за сите – истакна Тошковски.
Потенцираше и дека довербата на граѓаните во институциите се гради преку конкретни резултати, доследно постапување и јасна порака дека никој не е над законот.
– Кога институциите функционираат професионално и одговорно, граѓаните ја препознаваат таа посветеност. Нашата задача е да покажеме дека системот работи, дека секој случај се истражува темелно и дека никој не е недопирлив кога станува збор за кршење на законот. Само така може да се врати довербата во институциите – рече министерот.
Тошковски додаде дека борбата против организираниот криминал, корупцијата и економскиот криминал е еден од приоритетите на Министерството за внатрешни работи, при што се преземаат интензивни активности за откривање на криминалните мрежи и процесуирање на сите инволвирани лица.
– Работиме системски, преку координација со обвинителствата, финансиските институции и другите надлежни органи. Оваа борба бара истрајност, професионалност и силна институционална соработка, бидејќи станува збор за комплексни случаи кои често имаат и меѓународна димензија – нагласи министерот.
Осврнувајќи се на случајот со заплената на дрога во Србија, Тошковски напомена дека надлежните институции активно работат на утврдување на сите околности поврзани со случајот, во тесна соработка со партнерските служби од регионот и Европа.
– Транснационалниот криминал бара силна меѓународна соработка. Размената на информации и координацијата со партнерските институции од регионот и Европа се клучни за успешно разбивање на криминалните мрежи и за утврдување на целосната вистина за ваквите случаи. Нашата обврска е да ја утврдиме целата фактографија и да постапиме во согласност со законот – рече Тошковски.
Информира и дека Министерството за внатрешни работи продолжува со активности насочени кон модернизација на полициските служби, подобрување на оперативните капацитети и унапредување на истражните механизми, со цел поефикасно справување со сите форми на криминал.
– Современиот криминал се менува и станува сè пософистициран, поради што институциите мора постојано да ги унапредуваат своите капацитети, технологијата и методологијата на работа. Само со силни, професионални и модерни институции можеме ефикасно да се спротивставиме на овие појави – истакна Тошковски.
Според него, Министерството за внатрешни работи останува посветено на создавање безбедно општество во кое владее правото, а институциите работат исклучиво во интерес на граѓаните.
– Нашата обврска е да обезбедиме систем што функционира ефикасно и праведно. Граѓаните треба да знаат дека институциите постапуваат, дека секој случај се разгледува внимателно и дека борбата против криминалот се води доследно, професионално и без компромиси. Само со таков пристап можеме да изградиме општество во кое правдата е еднаква за сите – подвлече Тошковски.



































