Одлевањето на работници од земјава е последица на погрешните политики што се воделе во минатото, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и порачува дека сите работодавачи треба да сфатат оти мора достоинствено да ги плаќаат работниците за да ги задржат на работните места.
-Сметам дека конзистентни политики даваат резултати. Кога имате период на привлекување странски инвестиции во кој работната сила се продава како евтина работна сила последицата на такви погрешни политики е денешната состојба, а тоа е граѓаните да не веруваат дека во нашата држава може да се отвораат добро платени работни места. Нашата политика од 2017 година и наваму е конзистентна, а тоа е секое работно место кое што ќе се отвори од странски и домашни компании, а би требало да добие поддршка од страна на Владата, мора да биде достоинствено платено работно место – рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на македонско-финскиот бизнис форум во организација на Стопанската комора.
Ние, посочи, во законите веќе имаме кажано дека поддршка може да се добие само ако платата е над 50 отсто повеќе од минималната плата што би дошло некаде до просечната плата во државата.
-Само такви конзистентни политики ќе направат нашите луѓе повеќе да веруваат и да ја вратат довербата дека во нашата земја се креираат достоинствени работни места и секако трендот на миграција ќе се намалува. За жал, последиците ги плаќаме сега на политиките и одлуките коишто некои мои претходници наназад години, наназад децении ги правеле за нашата држава – рече Битиќи.
Нагласи дека се уште е висока стапката на невработеност во нашата земја.
-Според последните податоци од Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување стапката на невработеност е некаде 13,7 отсто. Тоа е висока стапка на невработеност. Долгорочно решението е нашите луѓе да се осмелат, да се преквалификуваат и да прифатат достоинствени работни места. Ме радува фактот што можеби некогаш одредени случувања неприродно се случуваат како што е миграцијата, но го натераа приватниот сектор да даваат подостоинствени плати отколку што давале претходно. Затоа сметам дека секој тек или случување во одредено време се случува со причина, а причината овде е дека сите и во приватниот сектор ќе треба да разбереме дека нема веќе работници што треба да ги платите под достоинството на работникот затоа што секогаш ќе има опции – порача Битиќи.