Инвестициите во обновливи извори се добри, но за стабилен енергетски систем ни треба производство на базна енергија. Системите за базна енергија, како Чебрен и Галиште, ќе мора да ги реализираме во наредниот период, но нивната изградба трае со години, а таков луксуз не можеме да си дозволиме. Затоа, за некој покус рок, мора да најдеме начин за нови, брзи инвестиции во когенеративни постројки за производство на топлинска и електрична енергија. Топлинската енергија ни е важна за да го смениме начинот на греење кај повеќето домаќинства – вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Во вечерашното гостување на ТВ Сител, Бислимовски напомена дека додека се изградат и когенеративните постројки за кои се неопходни две до четири години, земјава нема друга опција освен инвестиции во батерии.
-Батериите се нова, брзорастечка технологија. Во моментов се најактуелни оние што се празнат за два часа, но веќе се појавуват на пазарите батерии кои се празнат за четири часа. Верувам дека капацитеот ќе се зголемува. Во меѓупериодот додека се направат когенеративните постројки и Чебрен и Галиште, апсолутно ќе ни помогнат батериите. И инвеститорите кои изградиле фотоволтацици, за да продаваат и во периоди кога струјата е далеку поскапа, се заинтерсирани за батериски системи – истакна Бислимовски.
Според него, Македонија е релативно добро поврзана со Грција, Бугарија и Србија, а сега е во напредна фаза изградбата на новата интерконекција со Албанија која е исклучително битна.
-Преку Албанија ќе можеме да продаваме електрична енергија и во Италија која е претежно увозно ориентирана. Постои и голем интерес од Италија за обезбедување електрична енергија од нашиот регион. Верувам дека инвестициите во обновливи извори што се најавуваат, пред се во фотоволтаици и ветерни електрани, освен што ќе имаат пласман во нашиот регион ќе може тоа да го прават и во останатите европски земји, особено Италија – рече претседателот на РКЕ.
На прашањето што доколку американскиот претседател Трамп се закани дека европските земји мора да купуваат гас од САД и како тоа ќе се одрази врз цената на струјата, Бислимовски потенцира дека земјава треба да си води сметка за своите интереси.
-Во овој момент сме поврзани единствено со Бугарија од каде, преку Турција доаѓа во најголем дел руски гас. Како ќе се одрази тоа на цените не се знае. Никогаш не би ги елиминирал сите можности од каде може да дојде гас во Македонија, имајќи предвид дека завршува тендерот за изградба на новата интерконекција за природен гас со Грција каде ќе ни се отврои можност во поголеми количини да доаѓа и азербејџански гас преку Грција директно во Македонија, а и од терминалите што ги направија во Грција да доаѓа и природен гас – рече Бислимовски.
Во однос на глобалните движења, факт е, нагласи, дека во последните неколку месеци цената на природниот гас во Европа се зголеми за 15 – 20 евра за мегават час.
-Сепак, верувам дека кога во Европа ќе доаѓа компримиран природен гас, ќе има далеку поголема конкуренција на пазарот и не верувам дека тоа драстично ќе влијае на цената на природниот гас – рече Бислимовски.
Негова оценка е дека земјава длабоко навлезе во енергетската транзиција.
-За три години од обновливи извори го зголеми инсталираниот капацитет за производство на електрична енергија за 32 – 33 отсто што е одлична бројка. Во 2024 година имаше околу 300 лиценци за 330 и нешто нови мегавати, најголем дел од фотоволтаични електрани, а од претходните години имавме уште 550 – 560 мегавати. Македонскиот приватен сектор ја виде кризата како можност за инвестиции во обвновлиив извори кои, да, немаат стабилно производство како термоелектраните и зависат од временските услови, но поради нив во 2023 година и поради доброто производство на ЕСМ, увозната зависност од 33 – 34 отсто ја сведовме на 2,75 проценти. Сега увозот на струја е далеку помал, а 90 отсто од фотоволтаичните електрани немаат поддршка од државата – истакна Бислимовски.