Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, смета дека безбедносната состојба не е нарушена во врска со најавите на ДУИ дека укинувањето на која било одредба од Законот за употреба на јазиците, кој е на дневен ред на седницата на Уставен суд закажана за в среда, ќе биде директен удар врз стабилноста и мирот.
Во изјава за Сител, тој истакна дека Министерството за внатрешни работи ги има потребните капацитети и ќе одговори на сите предизвици како и претходно.
-Сметаме дека безбедносната состојба не е нарушена. И во минатото говоревме дека постојат обиди за дестабилизација. Да, факт е дека на одредени злонамерници не им одговара тоа да имаме една демократска земја во која што ќе владее законот и правото и тоа токму се гледа и преку овие нивни дејствија – изјави Тошковски.
Тој додаде дека барањето на ДУИ е директно мешање во работата и надлежноста на Уставниот суд.