Безбедносната состојба во државата е стабилна и нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување, е заклучок од денешната 19. Седница на Советот за безбедност, на која се разговарало за безбедносната состојба во земјава и во евроатлантскиот регион.
Надлежните претставници на институциите, како што се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателот, информирале за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучувајќи ја руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово.
-Како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот простор – се вели во соопштението.
На седницата на СБ била констатирана потребата надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност.
На седницата освен шефот на државата Стево Пендаровски, присустувале и директорите на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Зарко Милошевски и Еролд Муслиу, информираа од Кабинетот на претседателот.
Осумчленото тело го сочинуваат претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министрите за внатрешни работи, одбрана и за надворешни работи Оливер Спасовски, Славјанка Петровска и Бујар Османи, Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Трајан Гоцевски, поранешен министер за одбрана и универзитетски професор и Ветон Љатифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.