Фото: принтскрин

Слобода на медиумите е во постојана борба. Медиумите се уште се лесно подложни на политички и бизнис влијанија и токму поради тоа се случува да имаат сериозен притисок во конфигурирање или моделирање на уредувачката политика. Без финансиска слобода не можеме ниту да зборуваме за вистинска независност на медиумите. Исто така, саморегулацијата е од суштинско значење и таа мора да продолжи да се развива. Ова се дел од пораките кои беа пренесени денеска на панел дискусијата „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“, организирана од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА).

Според претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски, не постои гаранција дека слободата на медиумите е освоена, бидејќи не само медиумската, туку и нашата демократска слика е лесно кршлива и лесно податлива за влијанија.

– Свесни сме сите дека македонскиот медиумски пазар е мал и ограничен, а медиуми има многу. Меѓутоа, тоа не ги става медиумите во позиција на еден финансиски независен начин да се борат со предизвиците коишто ги наметнува општеството. Што тоа значи? Тука има две нивоа. Прво, медиумите се лесно подложни на различни типови на влијанија. Тие влијанија можат да бидат политички или бизнис влијанија. Најчесто е тоа мешавина на политички и бизнис влијанија, бидејќи кај нас и политиката и бизнисот функционираат како брак од интерес и во тој брак од интерес медиумите, новинарите, уредништвата понекогаш се под силни влијанија и можат да бидат лесно подложни на сериозен притисок да ја конфигурираат или моделираат својата уредувачка политика на начин на којшто на некој друг му одговара, а не на интересот на граѓаните и на јавноста на кои ние како новинари би требало да им служиме – рече Чадиковски.

Вториот сегмент е, како што посочи, финансиската независност. Тој напомена дека без финансиска слобода и без финансиски независни медиуми не можеме ниту да зборуваме за вистинска независност на медиумите.

– Наспроти сите заложби на голем дел од медиумската заедница и наспроти заложбите и на делот на политичките лидери кои се обидоа да го сменат тој наратив, ние што добивме? Добивме одреден тип на ослободување на медиумскиот простор, ослободување на мислата на говорот, значи луѓето веќе не шепкаат по улици, не разговараат само тивко во кафеани, туку навистина може слободно да се изрази сечие мислење без притоа да се плашиш дека некој можеби на улица ќе те исплука, ќе те удри или не дај боже нешто полошо да ти направи. Но, не го сменивме наративот на политичкото дејствување, а тоа понатаму ни се мултиплицира и во медиумските простор – додаде Чадиковски.

Според Чадиковски, културата на говор во политиката се заострува наместо да се намалува. Тој е на ставот дека слободата многу тешко се стекнува и многу тешко ја стекнавме, меѓутоа може многу лесно да ја изгубиме ако не работиме паралелно на едно креирање на општа атмосфера за намалување на говор на омраза, неквалитет и дискриминација.

-Саморегулацијата е од суштинско значење и таа мора да продолжи да се развива. Значи, таа не е идеална, далеку е од идеална, далеку е од тоа дека ќе ги реши сите проблеми, но во моментов мислам дека е најдоброто нешто што го имаме, што постои на пазарот – посочи Чадиковски.

 

Генералниот директор на Медиумската информативна агенција (МИА) Драган Антоновски во своето обраќање на панел дискусијата истакна дека притисоци имало отсекогаш, но од интегритетот на новинарот зависи колку професионално ќе одговори. Слобода на медиумите, како што рече, е во постојана борба.

-Ние постојано зборуваме за некаква медиумска писменост. Во однос на медиумската писменост обично фокусот е на публиката, колку знае да ги препознава и да ги чита медиумските продукти кои произлегуваат. Но, постои медиумска писменост и кај оние кои ги создаваат тие медиумски продукти. На пример, деновиве ги следам информациите поврзани со мостот кој што е затворен во Скопје и сите вести се фокусирани на тоа колку време ќе трае обновата на мостот. Но, не најдов доволно материјал чија е одговорноста за тоа што се случило. Ние зборуваме за последиците, не зборуваме за причините. Така што, фокусот на новинарите кога се обработува медиумски продукт е исто така важна алатка – рече Антоновски.

Тој напомена дека финансирањето е сериозна работа за предвидливост и одржливост на се она што сакаме да го постигнеме во медиумскиот простор.

– Во случајов, МИА има нестабилно финансирање и колку и ние да се обидуваме да извадиме максимум од тоа што го имаме, сепак не можеме да го сработиме тоа што го немаме. Беше актуелна пред Нова година приказната со дописниците, со враќање на дописници. Ние добивме уверување дека ќе добиете пари, меѓутоа парите се уште ги нема. Така што, финансирањето е една од клучните работи за сите медиуми. Социјалниот аспект, платите на новинарите – за колку пари работат – потенцираше Антоновски. Тој напомена дека дезинформација е намерно спакувана информација од луѓе кои што знаат да пакуваат информации.

Уредникот на вести во Националната телевизија „АЛСАТ“, Арта Тахири е на ставот дека партиите на власт се за слобода на изразување и на медиумите, се додека не им се загрозува нивната политичка позиција и не им се поставуваат тешки прашања, а кои се легитимни и во име на јавноста.

-Не се ретки случаите кога новинарите наидуваат на затворени врати кај институциите или кај нивните раководители. Не е ниту мал бројот на институциите кои немаат портпарол или ги имаат но не се појавуваат во јавноста. Се случува политичките партии на молчалив начин да бојкотираат одредени медиуми, одбивајќи учество во дебати, или поставувајќи услови, додаде Тахири во обраќањето на панел дискусијата.

Како што посочи, во Македонија новинарите треба да престанат да размислуваат како политичари, а политичарите треба да престанат да мислат дека новинарите треба да бидат во нивна служба. Политиката, напомена, секогаш ќе се обидува да влијае врз медиумите и врз новинарите.

И Атанас Кировски, новинар, поранешен директор и главен уредник на ТВ Телма и дописник на Би-би-си е на ставот дека слободата не е можна ако не постојат финансиски независни медиуми.

-Лошата финансиска состојба и слабиот пазар влијае и на тоа огромен број од моите колеги со кои сум ја почнал кариерата, да не останат во новинарството, туку да стануваат портпароли по разни институции, да се занимаваат со ПР, затоа што им е подобро од тоа да си новинар и 24 часа да си под некаков притисок. Не може да бидете слободни ако не сте финансиски слободни. Имаме и ниско ниво на дебата, имаме напади, омаловажувања и говор на омраза не само во иснтитуциите туку и на социјалните мрежи – рече Кировски на панел дискусијата.