Решението за состојбите на северот на Косово треба да се бара во рамките на Резолуцијата 1244 на ОН, изјави денеска во Прилеп рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.
-Русија е една од земјите кои ја донесоа Резолуцијата 1244 за Косово. Убедени сме дека решение треба да се бара во рамките на таа резолуција. Секој обид да се бара решение по пат на насилни дејства, никогаш не води кон добро – изјави Баздникин, кој на германските гробишта во Прилеп положи цвеќе на гробовите на загинатите руски војници во Првата светска војна.
Запрашан дали наскоро може да има мир во Украина, Баздникин изјави дека Русија е подготвена да се обноват разговорите и преговорите кои беа прекинати во Истанбул.
-Отворени сме да се воспостави мир во Украина, и тоа одамна. Во март почнавме разговори во Истанбул, тие беа прекинати од украинската страна, веруваме и знаеме дека е на барањето на нивните западни ментори. Ние сме подготвени тие разговори да се обноват што поскоро. Меѓутоа, треба да знаеме, колку повеќе се продолжува со воени дејства, потешко ќе биде да дојде до решение, но решение секогаш ќе се бара во текот на преговорите – изјави Баздникин.
Баздник се заблагодари на општината Прилеп за грижливото однесување кон споменикот за загинатите руски војници од Првата светска војна.
Со положување цвеќе на гробовите на загинатите руски војници, како што рече Баздникин, се одбележува денот на сеќавањето во Русија. За 10-те загинати руски војници од Солунскиот фронт што се на германските гробишта се одржа и панихида.
На поменот на германските гробишта присуствуваше и делегација на Општината предводена од градоначалникот Борче Јовчески.