Во регионот на Западен Балкан сведочиме на засилени активности на злонамерни актери кои настојуваат да ги нарушат демократските процеси преку економски притисоци, политички влијанија и дезинформациски кампањи. Антизападните наративи кои се јавуваат во делови од регионот имаат за цел да ја ослабнат довербата во институциите и да го доведат во прашање европскиот и евроатлантскиот курс. Овие трендови бараат интензивна, долгорочна и координирана реакција и од НАТО и од Европската Унија. Нашето барање е обезбедување на долгорочна стратегија од НАТО и ЕУ за регионот, која ќе резултира со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во структурите на НАТО и ЕУ.
Ова го порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на отворањето на регионалната конференција „Стратегиските приоритети на НАТО, ЕУ и Југоисточна Европа во мултиполарниот меѓународен поредок”, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка МНРиТ, и поддршка на Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.
Денешниот настан, Муцунски изрази верување, дека ќе овозможи да размислуваме со јасна цел: како да ја зајакнеме евроатлантската безбедност во време кога ризиците се повисоки отколку во било која друга пресвртница.
-Денес живееме во геополитичка средина во која заканите се динамични, меѓусебно поврзани и најчесто непредвидливи. Рускиот агресивен милитаризам, засилен со хибридни и кинетички закани насочени кон сојузниците, продолжената закана од тероризмот, системскиот предизвик од подемот на Кина, како и хибридните операции и кибер-нападите, ја редефинираат стратешката рамка врз која НАТО ги темели своите политики и одговори. Овие фактори не се само безбедносни предизвици, туку суштински дипломатски предизвик за зачувување на меѓународниот поредок заснован на правила – изјави Муцунски.
Војната во Украина, нагласи Муцунски, е најсериозниот предизвик за европската и евроатлантската безбедност по Студената војна.
-Ревизионистичките цели на Москва, поддржани од нејзините овозможувачи бараат јасен, координиран и принципиелен одговор, заснован на единство и долгорочна стратешка усогласеност. Заедно со нашите сојузници, ги усогласуваме дипломатските, политичките и одбранбените напори за да обезбедиме одржлива и кредибилна поддршка за Украина, паралелно со охрабрување на напорите за праведен и траен мир. Овие два процеси не се спротивставени, напротив, тие се меѓусебно комплементарни. Ги поздравуваме напорите на САД и администрацијата на претседателот Трамп, како и на другите европски сојузници за изнаоѓање на процеси кои ќе донесат долгорочно мировно решение за Украина – изјави Муцунски.
Сепак, како што посочи Муцунски, четири години по почетокот на инвазијата, последиците врз европската стабилност се значајни и во такви околности, обврска и висок приоритет е на сите демократски држави да демонстрираат единство и решителност.
-Одговорот на Алијансата, преку операцијата Источна стража, е силна порака за кредибилитетот на НАТО дека секој дел од територијата на сојузниците ќе биде заштитен без исклучок. Нашата држава, покрај зајакнатиот воен придонес во својот регион, во мисијата КФОР на Косово и во мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина, со гордост придонесува и за јакнење на источното крило на НАТО преку присуство на нашите воени сили во Латвија, Романија и Бугарија. Демонстрирајќи дека и малите сојузници имаат клучна улога во придонесот во колективната безбедност. Паралелно, остануваме посветени на понатамошна поддршка за Украина, согласно нашите капацитети и можности. Тоа го правиме континуирано со веќе доставени 15 пакети помош, како и со тренинзи и обуки за украинските сили – изјави Муцунски.
Истовремено, како што рече Муцуснки, се соочуваме и со долгорочен системски предизвик кој го претставува Кина.
-Нивниот економски раст, технолошките амбиции, нетранспарентните воени капацитети и специфичните односи со Русија бараат внимателна проценка, координација и усогласена реакција во рамките на НАТО и Европската Унија. Градењето заедничка отпорност во енергетиката, критичните материјали и инфраструктурата стануваат клучна компонента на нашата колективна безбедност – нагласи Муцунски.
Покрај тоа, Муцунски посочи дека мораме да ги адресираме и заканите поврзани со Блискиот Исток, климатските промени, нестабилните општествени случувања во земјите од овој регион, миграциите, како и злоупотребата на хибридни алатки, кибер-напади и дезинформациски операции се само дел од предизвиците придонесуваат за нестабилноста на овој важен регион за сите нас во Европа.
-Во време на глобални превирања, стратешкото единство не е политички избор, туку безбедносна неопходност, нашата заедничка сила произлегува од солидарноста, предвидливоста и доследноста на нашите политики. Убеден сум дека токму сега е моменто да демонстрираме стратешка визија, интегриран пристап и политичка одлучност, што ќе обезбеди стабилна и просперитетна иднина за целата европска заедница – заклучи Муцунски.
Конференцијата собира на едно место високи државни чинители и експерти од областа на безбедноста и меѓународните односи од земјата, регионот како и ЕУ, кои заеднички ќе дискутираат за актуелните безбедносни предизвици кои ги засегаат НАТО, Европската Унија и регионот, земајќи ги во предвид неизвесните и сè подинамични геополитички предизвици.
Свои излагања во рамки на конференцијата, како што е најавено, ќе имаат и заменик генералниот секретар на НАТО Радмила Шеќеринска (видео обраќање), амбасадорката на Соединетите Американски Држави Ангела Агелер, амбасадорката на Сојузна Република Германија Петра Дрекслер, потпретседателот на Собранието и пратеник Антонио Милошоски и пратеничката во Парламентот на Република Хрватска Здравка Бушиќ.
Во рамки на конференцијата, како што е најавено, ќе биде промовирана и публикацијата „Низ мултиполарните води: Југоисточна Европа и стратегијата на ЕУ за Кина“, во издание на Фондацијата Конрад Аденауер, Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс и ЕСТИМА, а која ја анализира позицијата на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) во однос на Кина со оглед на динамиката на глобалните геополитички промени.



































