Пишува: Д-р Драган Попоски
Роберт Бадинтер, уставен судија на Франција и експерт за меѓународно право, претседател на Арбитражната комисија за земјите од поранешна Југославија, која врз основа на меѓународното право и уставното уредување на земјата даде согласност за меѓународно признавање на Република Македонија во 1992 година.
Албанското малцинство, на референдумот од 8 септември 1991 година не го поддржа осамостојувањето на Република Македонија. Тоа беше водено од друга агенда. Таа агенда се покажа во 2001 година, кога Ослободителната национална армија на Албанците (ОНА), од Косово, воено ја напаѓа Република Македонија и окупира погранични села кон Косово и развива воени дејства кон Гостивар, Тетово, Куманово, Скопје. Појавата и дејствата на ОНА, генералниот секретар на НАТО од 1999 до 2004 година, лордот Џорџ Робертсон, ги окарактеризира како терористичка организација со окупаторски цели, за подоцна, во контакт со САД, истото тоа да го преиначи во организација што се бори за човекови права!
По завршувањето на конфликтот во 2001 година, Р. Бадинтер е поканет во Република Македонија, со барање да даде уставни совети. Тој јасно става до знаење дека „не сака да го замени законодавецот и дека е невозможно да се практикува консензуална демократија, зашто консензусот ништо не решава“ и понатаму „консензусот е да им се препушти власта на малцинствата. Тоа не може да функционира… За да се задоволат барањата на албанското малцинство, Македонија да развива директна демократија што ќе ги задоволува длабоките потреби на граѓаните…“
Во однос на сегашниот „Бадинтеров принцип“ и процентуалната застапеност на малцинствата, Бадинтер оценува: „Тоа не е решение, бидејќи ризикува да ја парализира администрацијата и да создаде групи со привилегии и вредности, наместо да создаде еден заеднички народ, една заедничка нација. Етничкиот пристап ризикува да го влоши она што, всушност, треба да се надмине.“
Врз основа на „Бадинтеровиот принцип“, во Уставот е внесено, чл. 69 „За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците, кои не се мнозинство во Република Македонија.“
За добивање одредени политички и малцински интереси, „Бадинтеровиот принцип“ различно се толкува и се применува, всушност овој „принцип“ дава можности за злоупотреба и се злоупотребува, излегува од граѓанските норми и потребно е да се укине. Тоа го согледал и самиот Р. Бадинтер по десет години од неговата примена.
Малцинствата (а всушност само албанското) добива дупло гласачко право од парламентот до локалната општинска управа. Мнозинството може да изгласа некој закон или пропис, но ако тој не е потврден и со мнозинство од малцинствата (а всушност од албанското), тој не може да биде усвоен! Ова претставува граѓанска дискриминација, спротивно на Уставот дека Република Македонија е граѓанска држава и со еднакви слободи и права.
Со еден глас повеќе, при двојното гласање на малцинството, се руши и одлука изгласана од мнозинството со 80-90 отсто! Апсурд!
„Бадинтеровиот принцип“ станува математичка „демократска“ лага. Пример: Собранието има вкупно 120 пратеници, од кои 20 пратеници се од малцинските заедници. Ако за законот гласале 109 пратеници, а биле 11 пратеници од малцинската заедница што била против, тогаш равенката е 100 + 9 = 11! Војнички речено, 11 војници се посилни од 109 војници!
„Бадинтер“ е етничка дискриминација од малцинската заедница кон мнозинскиот народ, кон носителот на државноста, негово уценување и понижување.
Може ли една ваква „демократска математика“ да продуцира вредности? Не! Вака сфатен и практикуван „Бадинтер“ е алатка на одредени реакционерни сили за рушење на системот и државата однатре, со цел за нејзино „демократско“ распаѓање и самоуништување. „Бадинтер“ е извонреден механизам, во политичките пазарења, за покривање на криминалот, корупцијата, неодговорно кршење на Уставот и законите. „Бадинтер“ е силна алатка за да се „бадинтеризираат“ земјата и правниот систем, да се спречува развојот и да се уништува државата на „легален“ начин! Со „Бадинтер“ станува неважен изборниот немалцински електорат, граѓанинот што го избрал пратеникот и му го доверил изборното право. На пратеникот, му се одзема правото од избирачкиот електорат, да ги исполнува програмските ветувања и да ги застапува нивните интереси во власта.
„Бадинтер“, вака поставен, ѝ овозможува на една етничка (малцинска) припадност, да користи „позитивна етничка дискриминација“, со тоа што илјадници членови на тој етникум (во случајот албанскиот) да бидат „вработени“, а да не доаѓаат на работа, да седат дома и да добиваат плата и други бенефиции, како придобивки на „Бадинтер“ и војната на ОНА против Република Македонија. Во Охридскиот рамковен договор вакви права не се наведени. Тие примаа плата од над 500 евра (30.000 денари), додека минималната плата во Република Македонија беше 14.000 денари (227 евра). Плата без да работат и да седат дома, примаа од 2001 година, па наваму. Доколку се вработеле, тоа морало да биде во државната администрација и не смеела да им се намали платата без разлика на нивните стручни квалификации! Ова го нема никаде во светот!
На основа на тој „Бадинтер“ и неговото спроведување во општествениот систем, на Македонецот по етнос му се одзема правото да ја изрази својата етничка припадност како Македонец. Во личните документи и административните постапки, за разлика од него, на членовите на малцинските заедници, тоа право не им е ускратено! Ова е обезличување на мнозинскиот народ, носител на државноста, во очите на меѓународната заедница. Целите на „Бадинтер“, за некого внатре во државата и за некого надвор од државата, се остваруваат.
Ако „Бадинтер“ во политичките пазарења одлучува за изборот на највисоките структури во државните органи, а и на локално ниво, тогаш отпаѓа вредноста на личноста, неговите професионални и човекови квалитети. Државата ја губи креативната и државната моќ – земјата назадува.
„Бадинтер“, во политичките пазарења, со години го спречуваше пописот на населението во Република Македонија со придружните параметри, а со тоа ги спречуваше планирањето и развојот на земјата.
Со тоа, „Бадинтер“, кој почива на процентот (%) на малцинството во земјата, станува заблуда, лага! Некому тоа му одговара, но не и на граѓаните на Македонија, без разлика на кој етникум му припаѓаат. Тоа не е „Бадинтерова“ етничка придобивка, тоа е свесна постапка за разнебитување на државата.
Со „Бадинтер“ се слабеат државата, нејзините можности и перспективи. Наместо унитарност, „Бадинтер“ е клин, чивија, на раздвојување на националното ткиво, каде што нелогичноста е ставена во активна правна форма на „логичност“! Со „Бадинтер“ и антипатриотизмот од наследникот на Сојузот на комунистите на Македонија (кој не беше негова одлика), државата нема можност да опстои и во првата пригода „Бадинтеровиот принцип“ мора да се повлече. Во ниедна држава, членка на НАТО и на ЕУ, ваков правен пропис (закон) не постои! Македонија треба да се израмни со нив. Ако еден закон, поставен во одредено време и услови, станува рак-рана, тој треба да се отстрани. Без него, никому не му се загрозуваат човековите права во Република Македонија, која во целост и повеќе, ги признава и ги применува човековите права и правата на малцинските заедници.
„Бадинтер“ е дестимулативен во создавање образовни и други вредности на личноста и колективитетот, кој е покриен со овој дискриминаторски „принцип“.
„Бадинтер“ е алатка и сојузник за некого за однатре да се руши македонската држава.