Во Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Козле пуштен во употреба е нов најсовремен aпарат за роботска рехабилитација – Локомат во вредност од 57.983.430 денари.
Станува збор за апарат кој го поддржува движењето, ги насочува нозете на пациентот врз основа на физиолошкиот модел на одење и нуди можност за делумна поддршка на тежината.
На настанот присуствуваше и министерот за здравство Фатмир Меџити, кој рече дека ваква опрема првпат се набавува во јавното здравство.
– Денеска во Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Козле имаме сериозно зајакнување во опрема која ја набави Министерството за здравство, а за потребите на оваа установа. Продолжуваме со уште позасилено темпо во инвестиции во здравството – изјави министерот.
Апаратот за роботска рехабилитација е наменет за интензивна рехабилитациска терапија на пациенти со тешко до умерено оштетување на способноста за одење и функционална подвижност. Овие оштетувања во телесните функции и активности може да бидат предизвикани од различни болести, како невролошки заболувања, повреди на мозокот (поради мозочен удар или траума), повреда на ‘рбетниот мозок и церебрална парализа.