Државната комисија за спречување на корупција ги разгледа назначувањата на в.д. директорите на скопските јавни установи МКЦ и Зоолошка градина и ги оцени како незаконски, а донесе и одлука да поведување кривична постапка против градоначалничката на Скопје Данела Арсовска која ги именуваше овие в.д. директори како и против именуваните кои свесно постапувале спротивно на законските одредби.
Арсовска, сметаат антикорупционерите, спротивно на законот за в.д. директори на МКЦ и Зоолошка именувала лица кои не биле вработени во овие јавни установи што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци.
Градоначалничката Арсовска во јануари годинава на в.д. директорската позиција во МКЦ го именуваше Никола Алексов што предизвика лавина реакции во колективот, а во Зоолошката градина по скандалот со колењето на коњи, беше сменет Кристијан Стаменов и на негово место за в.д. директор го назначи Драган Илиевски кој пак во јануари годинава го ротираше на в.д. директорското место во ЈП Водовод. Во моментов в.д. директор на скопската Зоолошка е Зоран Попов, кој доаѓа од редот на вработените.
Од ДКСК расправајќи за праксата на назначување на в.д. директори во јавни институции, рекоа дека повеќе нема да го толерираат и соодветно ќе дејствуваат бидејќи се случува исто лице повеќекратно да извршува директорска функција од позиција на вршител на должност иако законски тој мандат е само шест месеци и тоа влијае врз функционирањето на системот, тивко го поткопува и претставува мешање на политиката и во локалната и во централна власт.
ДКСК посочи и случај во Општина Желино каде во јавно претпријатие директорува исто лице поставено четири пати по ред со мандат од по 6 месеци.