Граѓаните во земјава имаат најголема доверба во Христијан Мицкоски, над половината очекуваат новата власт да биде подобра од претходната, третина имаат позитивно мислење за составот на новата Влада, а доколку има избори најголем број гласови би освоила ВМРО-ДПМНЕ, покажува анкетата на Институтот за политички истражувања (ИПИС) спроведена телефонски на примерок на 1.089 полнолетни испитаници во периодот помеѓу 18 и 21 јуни 2024 година.
На прашањето во кој политичар имате најголеме доверба, 27,8 отсто се определиле за Христијан Мицкоски, во Али Ахмети доверба имаат 8,4, во Максим Димитриевски 4,8, во Димитар Апасиев 3,3, Стево Пендаровски 2,5, Бранко Црвенковски 2,3, во Билал Касами и Изет Меџити по 2,2, во Африм Гаши, Арбен Таравари и Димитар Ковачевски по 1,8, Зоран Заев 1,7, а во Никола Груевски 0,9.
Во ниту еден политичар не веруваат 25,9 проценти од анкетираните.
Дека новата владејачка структура на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе биде подобра од претходната на СДСМ и ДУИ, сметаат 55,8 проценти од испитаниците, спртовно мислење имаат 11,1, дека ќе биде иста одговориле 21,9, а не знаат или немаат одговор 11,2 проценти.
Новиот владин состав што го предводи премиерот Мицкоски позитивно го оценуваат 33,2 отсто, донекаде позитивно 20,8, донекаде негативно 8,9, негативно 15,1, а не знаат или немаат одговори 21,9 отсто.
Доколку следната недела има парламентарни избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 28 проценти од анкетираните, за СДСМ 10,1, за ДУИ 8,9, за ВЛЕН 7,8, за Левица 4,7, а за Движење ЗНАМ 3,1 отсто.
Одговор за ниедна дале 13, не сакале да кажат 15,5, не знаат 8,6 отсто. За друга партија, надвор од наведените, би гласале 0,3 проценти од анкетираните.
Истражувањето е реализирано со користење на случаен примерок кој е стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението. ОД ИМПИС посочуваат дека во него се запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје е земено како посебна целина заради своите посебности.
Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС.