Археолошкиот локалитет Стоби годинава го посетиле над 13.100 посетители, од нив најбројни се странските туристи од САД, Австралија, Полска, Австрија, Швајцарија, како и од земјите од регионот – Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Хрватска, Словенија.
Од НУ „Стоби“ за МИА информираат дека археолошкиот локалитет го посетуваат и домашни гости, но, како што велат, тие се во помал број. Најбројни посетители од земјава, посочуваат оттаму, се ученици кои доаѓаат организирано на екскурзии, како и студенти и останати посетители од невладини организации и здруженија.
Минатата година Стоби го посетиле околу 20.000 посетители. Со оглед на тоа што е почеток на септември, кога исто така има екскурзии и бројни посети од странски и домашни туристи, од НУ „Стоби“ очекуваат оваа бројка да ја надмине ланската посетеност.
Во 2023 година, пак, во археолошкиот локалитет Стоби имало 20.556 посетители, додека најголем број забележан е во 2018 година, кога имало рекордни 22.000 посети.
Како што појаснуваат туристичките водичи на Стоби, најинтересни за посетителите се Театарот, Теодисијанската палата, градбата со арки или библиотеката, синагогата, понатаму, велат, интересни се јавните бањи, неколкуте цркви, меѓу кои и големата Епископска базилика со крстилницата и многуте улици, а привлечни се, исто така, и подните мозаици со пауни, срни и други библиски мотиви.
Посетата на археолошкиот локалитет е бесплатна првиот викенд во месецот, како и за време на државни празници. Од НУ „Стоби“ ги повикуваат сите заинтересирани да дојдат и да ја запознаат богатата историја на Стоби, на чии остатоци од градби се воодушевуваат и археолозите и посетителите од целиот свет, особено државјаните на САД, кои се најчести странски посетители на Стоби.
За разлика од лани годинава посетителите можат да си купат интересни сувенири од сувенирницата сместена на влезот во Стоби во објект на билетарата. Таа годинава е полна и има голем избор на рачно изработени сувенири, направени по копии од предмети најдени на локалитетот.