Алијанса за Албанците денеска ја одби понудата од албанската опозиција за заеднички настап на претстојните избори. Тројцата министри од Алијанса, на денешниот брифинг, изјавија дека „имаат многу лошо искуство со сите три партии од албанската опозиција и дека тие три партии „сакаат да добијат некој глас плус на нивна сметка, а уште утредента ќе се приклучат кон мнозинството“.
Претходно, на прес конференција, лидерите на трите албански опозициски партии, Изет Меџити (Демократско движење), Африм Гаши (Алтернатива) и Билал Касами (БЕСА), потенцираа дека албанската опозиција е отворена за Алијанса, како и за сите независни интелектуалци и за невладиниот сектор.
Во тој контекст, министерот за правда и висок функционер на Алијанса, Кренар Лога, им порача на Касами, Гаши и Меџити „да одат сами на свадба, а не да се надеваат на соседите“.
Оваа тема беше отворена по денешната собраниска седница на која немаше поддршка за Предлог-законот за амнестија. Предлагачот, министерот Лога, рече дека на недавањето поддршка гледа како на „одмазда од коалиционите партнери во власта затоа што пратениците од Алијанса за Албанците не гласале за измените во Кривичниот законик“.
Сепак, како што рече, тоа не значи ништо за нивните понатамошни односи, а на добри понатамошни коалициски односи се надева и премиерот Димитар Ковачевски.