Не сум разговарала ниту со Ескобар по неговото излагање, ниту со Радев, но не е важно да се фокусираме толку на тоа што тие го кажуваат, тука на тоа што е направено тука, бидејќи на крајот на денот, ако луѓето тука се посветени на ЕУ не е важно што велат Габриел или Радев, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер, одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Амбасадата на САД во Скопје.
На прашањето на МИА да даде коментар на последната изјави на специјалниот американски пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар во која тој најавува ангажаман со новата бугарска Влада за да се спречат натамошни блокади на интеграцијата на земјава во ЕУ и на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека уставните измени се само првиот чекор од низата барања кои понатаму ќе следат, Агелер истакна дека она што е важно за граѓаните и за евроинтегративниот процес е државата да се фокусира на тоа што таа треба да го стори на тој пат.
– Иако многу работи се кажуваат во оваа земја, во Бугарија, во останатите земји од регионот, сепак, сите сакаат да ја видат земјава да се движи кон членство во ЕУ- рече Агелер.
Таа нагласи дека Ескобар одржува интензивни контакти и зборува со сите чинители во процесот тука и оти неговата најголема надеж е дека Северна Македонија и региониот прават се што можат за да се движат кон европските и евроатлантските интеграции.
Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан Габриел вчера во дебатата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД, кажа дека Вашингтон го поддржува процесот за уставни измени што треба да го овозможи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, а е ангажиран и со новата Влада на Бугарија за да се осигура дека нема да поставува нови барања.
– За да ги унапреди своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија е посветена да се спроведат уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори- рече Ескобар.
Бугарскиот претсдеател Радев, пак, вчера во коментар за предложените измените на Уставот на Македонија, кажа дека тоа е првиот многу важен и задолжителен чекор, но не и последниот.
– Од исклучителна важност е исполнувањето на барањата во двата потпишани протокола, кои се составен дел од преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија. Конечно дојде да се придвижи прашањето за гарантирање на уставната рамноправност на Бугарите во Република Северна Македонија – рече Радев.