Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми денеска на прес-конференција по инаугурацијата во законодавниот дом на новата претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова оцени дека „го прекршила Уставот при положувањето на нејзината заклетва, повикала на единство а спомнала само двајца лидери на партии и не кажала ништо суштинско и не се осврнала на евроинтеграциите“.
– Изразуваме жалење за говорот на претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова. Го згази Уставот уште на прва реченица неспомнувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа. Рече време е за единство, а спомна само двајца лидери од македонскиот блок, исклучувајќи ги сите останати, рече Адеми.
Според Адеми, новата претседателка во нејзиниот говор не кажала ништо суштинско, посочувајќи дека Силјановска Давкова не се осврнала на евроинтеграцискиот процес на земјава и нејзините предизвици.
– Беше говор за 8 март без ништо суштински, ниту се спомна НАТО и членството на Република Северна Македонија во НАТО, како и сите предизвици кои ни претстојат, ниту кажа еден збор за Европската унија и евроинтеграцискиот процес на земјава со сите предизвици кои не очекуваат. Не кажа ниту збор за негувањето на меѓуетничките односи, ниту за Преспанскиот договор, ниту за Договорот за добрососедство со Република Бугарија, ниту за уставните измени, рече Адеми.
Вели во говорот не недостасувале апострофирања на жени лидери кои и честитале за изборот и потенцираше дека честитката на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, намерно не била спомената во нејзиниот говор.
– Намерно не ја спомна честитката на претседателката на Република Косово за нејзиниот избор, иако не недостасуваа апострофирања на жени лидери кои и честитаа за изборот. Со првата нејзина реченица веќе создаде криза помеѓу Репуиблика Северна Македонија и Република Грција, подвлече Адеми.
Силјановска Давкова во нејзиното обраќање пред присутните пратеници во Собранието, дипломатскиот кор, како и претставниците на политичкиот и општествениот живот, рече ќе биде претседателка на сите граѓани и нема да прави разлика меѓу нив ниту по етничка, ниту по верска, ниту по полова или било каква друга разлика.
Нејзиниот говор таа им го посвети на жените поради кои се нафатила да се кандидира, затоа што сака да ги инспирира жените, посочувајќи на „оние кои на Балканот често не се претседателки на држави“. Порача дека е време за единството „кое може да значи и женска филозофија, женска автентичност, бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се за сите останати“.