Бараме учебникот по албански јазик за петто одделение итно да биде повлечен од употреба, а заедно со него и „партискиот емисар именуван министер“, изјави денеска портпаролот на Алијанса за Албанците, Наим Бајрами.
– Ако сакате да уништите еден народ без војна, уништете му го образованието, а еден од „најдобрите“ начини да го постигнете тоа е политизација и партизација на образованието. Со години го креваме гласот против различните облици на партизација на образованието. Од оваа власт слушнавме само ветувања дека ќе работат на деполитизација, а во реалноста го направија спротивното, со воведување на партијата во секоја пора на образованието. Неодамна партијата влезе и во учебниците и во текстовите на најчувствителните возрасни групи. ДУИ веќе влезе како пример во учебникот по албански јазик за петто одделение, поточно на лекцијата за кратенки, каде што се споменуваат примери на земји и меѓународни институции – рече Бајрами.
Како што додаде тој, ова е „скандалозна злоупотреба на учебниците за партиска пропаганда, за индоктринација на деца, слично како во времето на комунизмот и времето на другарот Тито и другарот Енвер“.
– Тоа е срамна сервилност на самиот автор Вехби Кадриу, таткото на поранешниот кандидат на ДУИ, Ендрин Кадриу, кој потоа беше назначен за директор на Радиодифузија – изјави Бајрами, нарекувајќи го притоа министерот за образование и наука Јетон Шаќири „министер за уништување на образованието“.