НОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ СО ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
- Со претседателката Сиљановска-Давкова, во пријатна атмосфера во претседателскиот кабинет во „Вила Водно“, разговаравме за предизвиците за државата на домашен и на надворешен план, во однос на позиционирањето на Македонија во новонастанатите услови во глобални рамки, безбедноста, почитувањето на законите и меѓународното право, македонските евроинтеграции, односите со соседите, грижата кон дијаспората…
Во политиката ако сакаш нешто да биде кажано – побарај маж, a ако сакаш нешто да биде направено побарај жена. Оваа мисла на поранешната славна британска премиерка Маргарет Тачер, позната по нејзиното цврсто лидерство, можеби најдобро ги отсликува способностите и влијанието на жените лидери во политиката, токму во поглед на изминатата 2025 година кога повеќе држави првпат назначија дами на водечки национални функции, во време на сериозни економски и општествени кризи, политички превирања и во ситуација на неколку големи воени конфликти низ светот. И Македонија ги пребродува актуелните предизвици под водство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во ексклузивно новогодишно интервју за „Нова Македонија“ се осврна на битни теми што ја обележаа првата полна година во нејзиниот мандат. Со претседателката Сиљановска-Давкова, во пријатна атмосфера во претседателскиот кабинет во „Вила Водно“, разговаравме за предизвиците за државата на домашен и на надворешен план, во однос на позиционирањето на Македонија во новонастанатите услови во глобални рамки, безбедноста, почитувањето на законите и меѓународното право, македонските евроинтеграции, односите со соседите, грижата кон дијаспората…
– На прагот сме на 2026 година, според многу анализи и процени, година на неизвесности, свет меѓу мир и војна. Како ја оценувате Вие од Ваш агол, искуство и личен ангажман 2025 година? Кои, според Вас, ќе бидат најголемите предизвици за Македонија во периодот што следува, на домашен и на надворешен план?
За жал, Ханибал повторно е не само пред многу државни порти туку насилно влезе низ нив. Меѓународниот поредок доживува тектонски промени. По глобализацијата како американизација, во која Вашингтон, како што забележа проф. Чарлс Капчан во „Крајот на американската ера“, заличи на Рим, а Брисел на Константинопол, соочени сме со мултиполарен свет со нови, непредвидливи играчи на сложената мултиполарна сцена. Прашање е дали и како најголемите сили ќе ја прифатат новата реалност!
Ние, како секоја мала држава, преферираме мултилатерализам, кој познава и повикува на институционално решавање на проблемите, во согласност со меѓународните документи и правила. Но тие, во амбиент на слаби и маргинализирани Обединети нации, што потсетуваат на Лигата на народите пред крајот на постоењето, се надвор од политичката игра, која го прескокнува, па дури и го негира моделот на рационална и инкременталистичката политика и се сведува на гаснење пожари во кризните жаришта наместо да ги превенира!
Европската Унија, соочена со новата реалност, од една страна, има насушна потреба од проширување, не само од економски туку и од безбедносни причини, а од друга, заради истите тие, застанува на страната на членките, дури и кога се однесуваат спротивно на принципите и вредностите на кои е втемелена и без кои ги загрозува демократскиот идентитет и интегритет, толерирајќи двојни стандарди и злоупотреба на ветото!
Ние, свесни за (воз)немирениот свет, иако сѐ уште заглавени во чекањето од ирационални и националистички причини, се одлучивме за 100 отсто усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ, покрај стратешкото партнерство со САД, гарантирано уште во 2009 година, по ветото за влез во НАТО.
Каде сме сега? Сѐ уште во исчекување на почетокот на преговорите, иако компаративно, во поглед на хармонизираноста со европското право не сме полоши од оние што се на чело на трката.
Се разбира, во ваква состојба, не смееме да ги запоставиме реформите, туку напротив, мора да ги забрзаме, играјќи по копенхашките правила на игра во сите сфери, во духот на начелото на владеењето на правото, како императив за просперитет.
Тоа подразбира градење силни, независни и функционални институции наместо осилени поединци, како и избор на судски тела, судии и јавни обвинители со докажана стручност, компетентност и интегритет, имуни на влијанието на политиката и бизнис-елитите.
Освен ова, мора посветено да работиме на исполнување на целите зацртани во документите на Обединетите нации за намалување на сиромаштијата, редуцирајќи го јазот меѓу богатите и сиромашните и профилирајќи се како социјална држава, што ќе обезбеди внатрешен мир.
Кога сме усогласени внатре, поотпорни сме на предизвиците однадвор. Се разбира, ќе продолжиме со негување на добрососедските односи и кога нема добрососедски намери, во интерес на регионалната соработка, но не на штета на националните интереси.
– Позната е и одобрена е Вашата легалистичка позиција, Вашата одбрана на законите, правото и правдата. Но сега сѐ почесто се говори дека светот се претворил во џунгла, а во неа владеат закони на џунглата. Што значи ова, според Вас, може ли Македонија да се снајде во овој нов свет?
Се разбира, Орвеловиот и Хакслиевиот свет не се по мера на малите и слабите. Во право сте за џунглата, но по 30 години демократска консолидација и 20 години европеизација, џунглата не смее да фати корен кај нас. Правото и правдата се непријатели на „законот“ на џунглата и хаосот. Каде што виреат тие, венее и умира општествената џунгла. Дури и природната џунгла опстојува кога е заштитена со правото!
Правото не е прашање на избор, туку услов за државен опстанок. Уставот како lex superior и меѓународното право се најцврстите темели на македонската држава и демократија.
– Кога зборуваме за таканаречената џунгла, дали фрлањето топка во нашиот двор е дел од таа некаква игра во која важат и непишани правила? Можеби не сакате, но да се навратиме на таа епизода со госпоѓа Фон дер Лајен, затоа што контекстот ЕУ-Македонија останува речиси непроменет. Дополнително, пак, сега Бугарија повторно е во политичка криза, а со тоа веројатно и некои канали на комуникација ќе бидат затнати.
Најпрво, пишаните норми се родиле од непишаните, од обичајните, од моралните правила и принципи. И денес, во Британија, на пример, постојат т.н уставни конвенции, како непишани, ама почитувани правила. Тие не се менуваат прекуноќ, по барање на некој играч, ниту имаат селективна природа, туку се негуваат со векови. Британија нема пишан, односно кодифициран устав, ама има развиен конституционализам.
Менувањето на правилата среде која било игра, вклучувајќи ја и политичката, внесува неизвесност, несигурност и непредвидливост. Освен тоа, во демократијата, како политички систем, основните правила, во случајов, Копенхашките критериуми имаат дејство erga omnes, а не, inter partes. Ова важи и за ЕУ како sui generis политички систем. Двојните стандарди се погубни за демократијата, оти значат дискриминација на актерите. Значи, не зборуваме за вето што повикува на почитување на Копенхашките критериуми, туку на оспорување на основните принципи и вредности, гарантирани во конститутивните акти на ЕУ.
Во преговорите за членство во ЕУ, не е добро да се практикува евромандаринската формула, за која пишува американскиот професор Џозеф Вајлер, позната како „слушај, молчи и извршувај“! Во разговорите со највисоките претставници на ЕУ, ја следам мојата национална и државна обврска да го презентирам нашиот интерес, низ призма на европското право. Се разбира, јас правам разлика меѓу политикологија и политика во аргументацијата. Не се конфронтирам со европските соговорници, но не сум ни сервилна. Впрочем, не бараме привилегии, туку исти стандарди.
– Дали Македонија, земјата што ја претставувате во надворешните односи, е на вистинскиот пат? И веднаш потпрашање – знаеме дека наша врвна стратегиска цел е да станеме членка на ЕУ: Дали по секоја цена во време кога има стравотни геополитички прегрупирања? Очигледно не сакаат да ги применат Копенхашките критериуми, на кои Вие постојано ја повикувате Унијата, кога е во прашање Македонија.
Европската Унија останува наша врвна стратешка цел, но должност ми е да ѝ укажам на гаранциите на националниот и културниот идентитет во конститутивни акти, на уставните решенија на членките на ЕУ по малцинските прашања, вклучувајќи ги и оние на Бугарија, на недискриминацијата на бугарското малцинство во рамките на сегашните македонски уставни решенија, на опасностите по одлучувањето во случај на зголемување на бројот на членовите од различни заедници од 19 на 43 во Комитетот за односи меѓу заедниците, односно на опасноста од парализа преку т.н. Бадентерово мнозинство.
За мене, интеграцијата не е трка по статус на зелена маса, за да му правите проблеми на соседот, туку инкорпорирање европски стандарди. Копенхашките критериуми се услов за сечие членство, но и оценка на напредокот.
Условувањето на прогресот или членството во Европската Унија преку неоспорено кршење на основните принципи и вредности е антиевропски, а не проевропски чин.
– Сѐ повеќе се зборува за промена на модалитетот на одлучување за нови членки, но во исто време и за создавање таканаречена втора лига членки во ЕУ. Токму таму е Балканот, каде што историски и бил, некаде во последните вагони на „Ориент експрес“. Веројатно имате направено стратегиска процена и одлука околу ова заедно со Владата. Со кои карти ќе играме во едно такво сценарио?
Да, се зборува за таквото сценарио, дури и од земји за кои се вели дека се на прагот на Унијата. Не можам да давам оценки без да ги знам опциите. Доколку се цели и работи на нови статусни модели, истите тие треба да бидат претставени во институционална и временска димензија.
Нашето предолго, вештачко држење во статус кво на периферијата на ЕУ е лошо решение не само за нас туку и за ЕУ. Во европската политика врзана за Планот за раст гледам обид за одржување на регионот во европска кондиција на патувањето кон ЕУ.
Жалам што не се обидовме да изградиме национален консензус околу јасни, политички и правно прецизно утврдени македонски позиции во однос на евроинтеграцијата, како и имаме координиран настап пред претставниците на ЕУ по прашањето на односите со соседите.
Нашата стратегија е јасна: доследно спроведување на реформите, но и инсистирање на еднаков третман од страна на Европската Унија. Само така, заеднички и обединети, можеме да се позиционираме како респектабилен партнер.
– Неодамна се обративте на свечената заклетва на питомците на Академијата „Генерал Михајло Апостолски“. Ги истакнавте современите безбедносни предизвици, притоа нагласувајќи дека идните офицери, како дел од македонската, но и од НАТО-армијата, имаат обврска да ги негуваат највисоките професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни. Го знаеме членот 5 од Вашингтонскиот договор – едноставно кажано напад врз еден е напад врз сите. Не толку одамна во Франција се кажа дека земјата треба да се подготвува да ги жртвува своите синови и ќерки во војна. Тоа се повтори и во Велика Британија, и Германија се подготвува за војна… Дали Македонија се подготвува за војна?
Не, македонската армија е компатибилна со другите армии во НАТО, а тоа го докажа преку високите оценки на нашите војници ангажирани во многубројните мировни мисии.
Ние никогаш не сме иницирале регионални конфликти, ниту пак ќе иницираме, но мораме да бидеме способни да ја браниме државата.
Да потсетам: ние сме единствената држава во чиј устав, покрај почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право, како темелна вредност на уставниот поредок, има одредби според кои немаме територијални претензии кон соседните држави и се обврзуваме да ги почитуваме нивниот суверенитет, територијален интегритет и политичка независност, како и дека нема да се мешаме во нивните внатрешни работи!
Членството во НАТО за нас не е изразување подготвеност за војување, туку гаранција дека не сме сами, дека сме заедно со три наши соседни држави.
Како членка на Алијансата, Македонија придонесува кон колективната безбедност, но нашата надворешна политика е мирољубива и одговорна, а нашето учество во мисиите е во функција на почитувањето на меѓународното хуманитарно право.
Осовременувањето на армијата значи професионализација и зголемување на безбедносните капацитети, а не милитаризација на општеството, ниту испраќање порака на закана или сеење страв. Напротив, ние изразуваме способност за справување со безбедносните предизвици, генерираме чувство на безбедност дома, а не подготвеност за конфронтација.
– Каква улога би имала Македонија заедно со своите безбедносни сили во евентуален директен конфликт на НАТО со Русија?
Нашата држава, како членка на НАТО, не носи еднострани одлуки, туку учествува во колективното одлучување. Но ние не можеме да се апстрахираме од уставните надлежности при преземањето на меѓународните обврски. Имено, во членот 122, став (1), на Уставот пишува: „Вооружените сили го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката“.
Значи, секој чекор и секоја одлука во една таква хипотетичка и непосакувана состојба, покрај стратешката оправданост, мора да бидат уставно втемелени, правно прецизни и оправдани.
Наша основна задача е да имаме јасна процена на ризиците, водени од државните интереси. Сакаме да бидеме глас на разумот и фактор на стабилност.
– На одбележувањето на 30-годишнината на Агенцијата за разузнавање истакнавте дека таа „израсна во современа и професионална институција“ и притоа подвлековте дека нејзината мисија е да ја чува македонската држава! Сепак, една Ваша порака сметаме дека налага дополнително објаснување – рековте: „Во следните години очекувам поголема професионалност, интегритет и лојалност кон Уставот и законите“. Ве молиме подлабоко да ни ја објасните оваа порака.
Кога зборував за поголема професионалност, интегритет и лојалност кон Уставот и законите не изразував сомнеж кон работата на Агенцијата за разузнавање, туку апелирав до новото раководство на агенцијата, при вработувањето и унапредувањето на кадарот, да инсистира на највисоки стандарди на професионалност и интегритет, строго почитување на законскиот услов за поседување сертификат за државна тајна, но и на почитување на уставноста и законитоста во време на веројатност од можни хибридни закани.
Разузнавачките служби, по својата природа, се институции во кои професионалноста и интегритетот не се статични категории, туку вредности што мора постојано да се надградуваат и усогласуваат со новите видови опасности. Во свет на брзи безбедносни, технолошки и геополитички промени, никогаш не може да се каже дека е достигнат максимумот. Затоа „поголема“ значи континуирана будност, усовршување и јакнење на институционалната и правна култура.
Мојата порака беше охрабрување за агенцијата за цврста врзаност за уставниот поредок, лојалноста кон државата и кон нејзините највисоки акти.
Со други зборови, пораката не беше корективна, туку мотивациска: за уште поголема одговорност, како одговор на поголемите закани и стимулирање самосвест и професионална зрелост.
– Можеме да забележиме еден проактивен и посветен однос кон дијаспората, нешто што досега не било случај. Вие се вклучивте со свои предлози во градење на една сеопфатна стратегија кон дијаспората. Која е крајната цел, што всушност треба конечно да добиеме како придобивка за нашата држава? Дали таа стратегија ќе го опфати и македонското национално малцинство во соседството?
Дијаспората е наш научен, образовен, економски и дипломатски капитал, кој во ера на дигитализација и вештачка интелигенција може да биде функционално близок, иако географски далечен. Стратегијата за дијаспората се темели на три столба: вклучување, поврзување и признавање. Дијаспората е битен, но неискористен стратешки ресурс на државата.
Активно работиме на постојана и суштинска комуникација со нашите иселеници низ светот, од нивната регистрација до вклучувањето во низа области.
При секоја моја посета во странство, редовно остварувам средби со претставниците на дијаспората, зашто директниот контакт е најдобар за градење доверба и разбирање.
Државата и сите ние заедно мора активно да работиме на создавање услови и позитивна клима за комуникација, соработка, па и враќање на дел од нашите иселеници и нивно вклучување во општествениот и економскиот живот во земјата.
Во таа насока е формирањето совет или слично тело за дијаспора, на што веќе работат членови од мојот кабинет и претставници на определени организации на дијаспората, како консултативно тело за континуиран дијалог во функција на институционална поврзаност меѓу државата и дијаспората.
– Собранието му изгласа недоверба на поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој, пак, поднесе оставка пред закажаната собраниска седница на која требаше да се расправа за неговото разрешување. Како и да е, отворена е постапка за избор на нов државен јавен обвинител. Можеме ли да избереме во една законска постапка обвинител со интегритет? Каков обвинител ни треба на местото на Коцевски?
Да, можно е да се избере државен обвинител со знаење, професионалност, интегритет и дигнитет, низ транспарентна постапка, ослободена од политички калкулации. На државата ѝ е потребен државен обвинител што ќе биде храбар, стручен и независен, одговорен според Уставот и законот, почитуван од фелата, но и од стручната и поширока јавност.
Ни треба јавен обвинител што ќе даде битен придонес кон почитувањето на правото и правдата во случаите поврзани за кочанската трагедија, но и во беспоштедната битка со корупцијата и криминалот. Зборувам за високопрофилирана корупција, за административна корупција, но и за криминал од секаков вид. Посакувам за државен обвинител да биде избрана личност подготвена бескомпромисно да ги гони сторителите на кривични дела, да постапува и по допрен глас, како и да биде modus vivendi i operandi на јавнообвинителската функција на начин заснован и насочен кон владеењето на правото.
Работата на Јавното обвинителство мора да се темели на заштита на законитоста, на стручно, навремено и темелно поведување и водење истраги, како и на поднесување правно издржани и кредибилни обвиненија. Само така може да се врати довербата на граѓаните во правдата и во институциите на државата.
Со право очекувам да биде избран обвинител што нема да биде ничија алатка, чиј врвен приоритет ќе биде враќање на вербата во правдата.
– Дали, сепак, не е претерано да се смета дека замената на Коцевски, ете и со најдобриот меѓу најдобрите, може да биде волшебното стапче за кревање на урнисаниот углед на судско-обвинителскиот систем?
Да бидам искрена, а верувам дека и јавноста го препознава тоа, проблемите со кои се соочуваме не се резултат на еден мандат или на еден поединец. Тие се таложени со години, па и децении, како последица на започнати, но недовршени реформи, политички и бизнис-влијанија, ад хок решенија или отсуство на функционални механизми на одговорност
Јавниот обвинител има исклучително важна улога во системот на кривичната правда, но неговата работа е условена и зависна од квалитетот на законската рамка, од кадровската структура, од односите со другите институции и, пред сè, од вистинската независност и професионалност на целиот правосуден систем. Без јасно поставени правила, без доследна примена на законите и без развиена култура на отчетност, дури и најквалитетниот обвинител ќе се соочи со структурните слабости. Квалитетните истраги зависат од брз институционален одговор и од функционалната меѓуинституционална соработка.
Затоа, изборот на новиот државен јавен обвинител е клучна алка во поширокиот реформски процес. Само реформски профил на јавен обвинител може да дејствува реформски.
Јавноста со право очекува резултати, доследност и еднаква примена на законите за сите. Волшебни решенија не постојат. Само преку упорна, законска и институционална работа може постепено да се враќа довербата. Клучот е во темелни и системски реформи.
Ви благодариме за интервјуто и Ви посакуваме сѐ најдобро во 2026 година, добро здравје и сила како шефица на државата, за успешно извршување на претседателската функција во пресрет на сите предизвици што ни претстојат.
































