Американската Канцеларијата за контрола на странски имоти при Департментот за финансии на САД (OFAC – ККСИ) го назначи Орце Камчев на листата лица кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување, се вели во денешното соопштение на оваа институција. Овие санкции значат дека на Камчев му се замрзнува имотот во САД и му се забранети трансакции, пренесе Слободна Европа.
„Г. Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи самопослужувачка агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“, рече потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон.
„Трезорот останува посветен на повикување на одговорност на сторителите на корупција“, додаде тој.
Информацијата на Твитер ја потврди и американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер.
Во соопштението се вели дека Камчев повеќе од една деценија интензивно бил ангажиран во корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци, почнувајќи од раните 2000-ти.
„Во 2022 година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Парцели на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во „Случајот Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси“, се вели во соопштението.