Наодот на починатата 33-годишна родилка оди во прилог на автоимуно воспаление на крвните садови на тенкото црево, информифраа од Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.
Клиника вчера попладне го добила хистопатолошкиот наод за пациентката И.К. од Скопје, родена во 1987 година.
Пациентката почина на КАРИЛ на 9 мај 2021, а како што соопштија од Клиниката, била примена на ЈЗУ У ГАК на 21 април 2021 година со голем тумор на матката и оперирана на 22 април со уреден оперативен тек.
– Наодот оди во прилог на автоимуно воспаление на крвните садови на тенкото црево и на вроден сегментен недостиг на мускулниот слој на тенкото црево, што всушност е и причината која довела до постоперативна спонтана перфорација, што беше причина за вториот оперативен третман на пациентката во присуство на дигестивен хирург. Оваа дијагноза е исклучително ретка и во голем број од случаите причината за нејзино појавување е непозната, но најчесто е асоцирана кај пациенти кои имаат голем солиден тумор, лимфом, леукемија или некоја воспалителна болест. Системската форма на оваа болест, појаснуваат, според достапната литература, е асоцирана со многу тешка клиничка слика чија дијагноза е невозможно да се постави предоперативно – наведува ГАК во соопштението.
Понатаму се додава дека пациентката има историја за претходни оперативни зафати, извадена слезинка пред пет години и пунктирани лимфни јазли пред три години кои веројатно се во склоп на системската болест што ја имала пациентката.