Министерот за образование и наука Арбeр Адеми вчера соопшти дека заедно со Министерството за здравство ќе нудат теренска вакцинација во училиштата каде што има потреба, иако засега сѐ уште не се знае точниот број на деца што не се запишани во училиште поради тоа што не биле вакцинирани.
Одговарајќи на новинарско прашање дали невакцинираните деца ќе бидат исклучени од образовниот систем, Адеми рече дека за ова имало заклучок на Влада и оваа тема во повеќе наврати била разгледувана на владина седница.
– Сме ги разгледале сите законски можности за надминување на оваа состојба и сега тоа што го нудиме заедно со Министерството за здравство, заедно со министерот Филипче, е и теренска вакцинација. Досега сме задоволни од процентот на деца што се вакцинирани. Министерството за здравство води евиденција и бројот секојдневно се менува – рече Адеми.
Адеми информира дека овој месец училиштата го известуваат Државниот просветен инспекторат за деца што би требало да бидат запишани, а не се запишани.