Заедничко културно наследство, но различни патишта на етногенезата
На изложбата по повод 100 години од откривањето на некрополата Требениште, првпат речиси во целина беше претставена богатата култура на античкото македонско племе Енгелани, подоцна познати како Десарети. Најкарактеристичен е фактот за културата на племето и нивниот погребен култ, кој вклучува златни маски, што не е хеленски и не е посведочен во стара Грција. Според професорот по античка историја при државниот универзитет во Пенсилванија Јуџин Н. Борза, преовладуваат доказите дека Македонците како народ биле сметани за негрци. Не постојат докази што би укажувале дека Македонците сакале да станат Грци, а македонската нација служела како тампон-зона за заштита на Грците
Во 2018 година се навршија 100 години од откривањето на некрополата Требениште во близината на Охрид. За да се одбележи овој настан, помеѓу Националниот институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија, Народниот музеј во Белград и Институтот за заштита на спомениците на културата и Музејот во Охрид организираа заедничка изложба во текот на која беа презентирани околу 400 артефакти од оваа некропола, а меѓу предметите се и прочуените златни маски. Подготовката на изложбата траеше две години, а кај нас беше претставена во Археолошкиот музеј во Скопје, а во 2020 и 2021 година ќе биде поставена во Софија и во Белград. Со заедничката изложба првпат речиси во целина беше претставена богатата култура на античкото македонско племе Енгелани, подоцна познати како Десарети. Некрополата Требениште има аналогија со некрополата Синдос (Текелиево) во близината на Солун, двата археолошки локалитета имаат идентична материјална култура, меѓу другото имаат идентичен погребниот култ, кој вклучува златни маски, што не е хеленски и не е посведочен во стара Грција.
Пронајдени на исто место, а сега се на три различни
Некрополата Требениште се наоѓа југозападно од селото Горенци и 1,5 км јужно од селото Требениште. Во текот на Првата светска војна бугарската армија случајно откри неколку гроба, по што следуваа првите археолошки ископувања од бугарските археолозите Карл Шкорпил и Богдан Филов. Во 1927 година првпат беа публикувани наодите од некрополата. Во периодот 1932-1934 година, истражувањата ги продолжи српскиот археолог Никола Вулиќ, кој откри нови гробници. Оттука, две златни маски се наоѓаат во Националниот институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија и две во Народниот музеј во Белград. За забележување е дека овој локалитет е поврзана со археолошкиот наод на Паско Кузман кај Горна Порта во Охрид, во текот на 2002 година, тогаш покрај другите предмети, беше пронајдена и златна маска со што се потврди поврзаноста на Охрид со некрополата Требениште.
Етничкиот супстрат на македонските племиња не се стопил со грчкиот
Енгеланите го населувале охридско-струшкиот регион и ги основале градовите Лихнид (Охрид) и Енхалон (Струга), меѓутоа се составен дел од македонската група племиња познати како Дасарети, кои живееле на север од Епир, односно од реките Апсос и Еордеик. Наде Проева ја докажа поврзаноста на Енгеланите со Бригите, како и нивното учество во формирањето на етногенезата на Античките Македонци.
Енгеланите односно Дасаретите, заедно со Пајонците (живееле по течението на реката Аксиј, од Демир Капија до Таорската Клисура на север), Пелагонците (го населувале денешниот северен дел на Пелагонија), Едонците (населени на север од Пиерида и североисточно од Пангајските Планини), Крестонците (живееле во горниот тек на реката Ехедор, на север од Мигдонија и северозапад од Бисалтија) и Ситонците ја сочинуваат бригиската група племиња, односно потекнувале од стариот балкански народ Бриги.
Бригите ја населувале целата територија на Македонија и се споменуваат во „Илијадата“ како сојузници на Троја. Како стари жители на Македонија ги спомнува Херодот, кој го дава и името на бригискиот крал Мида – запаметен во митологија по неговата способност сѐ што ќе допре да претвори во злато, Хесихиј запишал дека Бригите биле македонско племе што живеело во соседство на Илирите. Коста Аџиевски ја констатира блискоста меѓу бригискиот јазик и јазикот на Македонците и Пајонците, според него бригискиот јазик, ономастиката и нивната материјална култура станале дел од наследството и културата на старите Македонци и Пајонците.
Различноста на етногенезата ја истражувале светски научни авторитети
Јуџин Н. Борза (професор по античка историја при Државниот универзитет во Пенсилванија и истакнат научник за македонската античка историја) истакнува дека Бригите се удомиле во Западна и во Централна Македонија од Пелагонија до Вергина, по должината на падините на планината Вермион, и долината на Аксиј приближно околу 1150 г. пр. н.е. Исто така голем дел од централна и делови на Горна Македонија биле населени од конзервативните негрчки Пајонци. Борза го застапува гледиштето дека Македонците не биле Грци, според него, некои Грци очигледно го прифатиле македонското предание дека аргеадското семејство имало хеленски претходници од Арг, но преовладуваат доказите дека Македонците како народ биле сметани за негрци. Борза исто така забележува дека не постојат докази што би укажувале дека Македонците сакале да станат Грци, постоел обид од страна на македонските кралеви да бидат признаени на планот на еднаквост со Грците, со намера за прашањата на државата, војната, и мирот да се решава врз основа на заемна корист. Овој американски историчар напиша дека македонската нација служела како тампон-зона за заштита на Грците од упадите на нехеленските балкански народи – важен фактор што придонесувал за растот на грчката цивилизација.
подготвил:
Далибор Станковиќ