„Вратете ги парите“, „Лопови, лопови “, „Која банка е следна?“ , „Даваме кредити без покритие“, ова беа само дел од паролите што ги извикуваа револтираните оштетени штедачи од „Еуростандард банка“ кои излегоа на протест пред Собранието.
Тие бараат државата по брза постапка да донесе закон со кој целосно ќе бидат обештетени клиентите кои имале над 30 илјади евра во депозити и порачуваат државата преку институциите на системот да го расветли криминалот кој, според нив, со години се случувал во банката.
– Ние сме жртви на една манипулација на долги години незаконско работење на банката, но и на поединци и институции, а меѓу нив и главата која треба да го контролира банкарскиот систем, а која во овој случај потфрли. Штедачите се оштетени за повеќе од 50 милиони евра, кои се давани како кредити без покритие, односно кои не можат да се наплатат и сето тоа поминало под капата на Народната банка. Затоа ние сметаме дека државата има механизми брзо да изнајде решение и да ги обештети сите граѓани. Исто така, бараме криминалот да не остане неказнет затоа што тоа ќе биде пример за другите банки да не донесат некои други штедачи во ваква ситуација – порача Иван Брзовски од Здружението на оштетени штедачи од „Еуростандард банка“.
Според Здружението, банката оштетила 780 физички лица кои имале депозити над 30 илјади евра и над 2.000 приватни фирми кои своите трансакции кои вршеле преку „Еуростандард“.
Претставници на штедачите ќе остварат средба со парламентарните партии од кои ќе бараат да се донесе законот што им го ветиле и најавија дека нема да се тргнат од пред Собранието, односно ќе протестираат сè додека не си ги вратат парите назад.