Само пред нешто повеќе од две години мојата земја беше извор на загриженост кај повеќето сојузници во НАТО и ЕУ. Се боревеме со тешка политичка криза, со пад на демократијата, значителен пад во слободата на медиумите, па дури и со агресивна политичка конфронтација. Сепак, потребна беше нова влада, огромна политичка одлучност, храброст и способност за донесување одлуки за да се променат работите, и да се очекуваат добри вест на самитот во Лондон – рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на панелот насловен „Што следува? – поглед на евроатлантската безбедност, 70 години по Вашингтонскиот договор“, на Бледскиот стратегиски форум.
Со решен спор со Грција, добри односи со Бугарија, пробив во зацврстувањето на демократијата и слободата на медиумите, денеска, додаде таа, имаме четирикратно зголемени странски инвестиции и 50.000 нови работни места, имаме успешен пример.
– НАТО го верификуваше нашиот напредок и ја испрати пораката дека ги поддржува добрососедските односи, решавањето на регионалните прашања и промовирањето на стабилноста преку подобрување на политичките односи меѓу двете земји. Затоа, мислам дека ова беше вин-вин ситуација, и за Северна Македонија, но и за НАТО. И не мислам дека е случајно што толку многу земји брзо го ратификува договорот. Добрата вест е што изгледа дека земјите-членки на ЕУ се подготвени да ја следат истата агенда и да ги наградат сигналите за напредок на Балканот – рече министерката.
Таа рече дека од особена важност е, кога има резултати и напредок, да има и брза реакција.
– Навистина мислам дека дојде време кога може да кажеме дека покажавме многу брзо закрепнување, многу брзо резултати, но, исто така, дојде и времето ЕУ да покаже дека брзото закрепнување и брзиот напредок резултира со донесување брзи одлуки. Октомври е важен и за нас и за Унијата – рече Шекеринска.
На панелот кој го отвори словенечкиот министер за одбрана, Карл Ерјавец, зборуваше и заменик генералниот секретар за заедничка безбедносна и одбранбена политика на Унијата, Педро Серано, кој рече дека позицијата на ЕУ е да се посвети на иднина во која Балканот е дел од ЕУ.
– Вашата земја е посветена. Од наш аспект, нема сигурна и стабилна Европа додека овој процес не заврши. Процесот на интеграција на Западен Балкан е во тек – рече Серано.
Бледскиот стратешки форум секоја година е местото каде што се среќаваат влијателни светски и европски политичари и државници. Форумот претставува една од водечките меѓународни конференции во Централна и Југоисточна Европа.