Соработката помеѓу македонската армија и Националната гарда на Вермонт претставува круна на односите помеѓу Македонија и САД заклучија на денешната средба министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и командантот на Националната гарда на Вермонт, аѓутант-генерал Грегори Најт, кој престојува во неколкудневна посета на земјава.

Посетата на командантот на националната гарда на Вермонт се случува во период во кој армијата го чествува својот ден – 18 Август, во година во која се слави 25-годишнина од почетокот на соработката помеѓу двете вооружени сили, но и година во која земјава очекува полноправното членство во НАТО.

Како што информираат од ресорното министерство, Шекеринска на средбата изразила задоволство од исклучително развиената соработка.

– По четврт век фактите и бројките говорат за многу блиско и многу конструктивно партнерство. Во овој 25-годишен период речиси 5.000 припадници на нашата армија и на Министерството за одбрана поминаа низ обуки, настава и консултации спроведени со Националната гарда на Вермонт. Само оваа година имаме 16 заеднички активности во делот на човечки ресурси, во делот на воената медицина и во делот кој што е многу важен за нас како држава, а тоа е справувањето со природните катастрофи – подвлекла министерката.

Командантот на Националната гарда на Вермонт, истакнал дека се воодушевува на одличноста, на работната етика и позитивните карактеристики кои ги има видено во припадниците на македонската армија.

– И покрај тоа што во овие 25 години сме направиле многу, јас го споделувам ентузијазмот на амбасадорката Брнс за идните планови и идните активности коишто ги имаме предвид. Ние сме тука и секогаш даваме поддршка во вашето членство во НАТО и со нетрпение очекуваме да ве видиме како 30. членка во тој сојуз на еднакви. Јас во мојата улога како аѓутант-генерал во следниот период планирам на еден начин да го подигнам нивото на соработка и да го донесам на едно следно ниво – истакнал Најт додавајќи дека соработката ќе се развива и во цивилниот дел.