Mинистерката за образование и наука Мила Царовска денес попладне на два одделни состанока се сретна со претставници на Сојузот на средношколци кои бараат комбинирана настава, но и со Иницијативата на родителите кои бараат отворање на училиштата.
На работниот состанок министерката посочи дека Владата нуди комбиниран модел за старт на учебната година и секаде каде што се исполнети условите од протоколите коишто веќе се усвоени, наставата ќе може да започне со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата.
За таа цел, како што рече, формирана е и Комисија од Владата којашто ќе утврдува дали се исполнети условите во училиштата.
Царовска рече дека сепак во објектите кои не се во можност да ги исполнат протоколите, учебната година ќе стартува онлајн за што забрзано се работи на подготовка на единствена национална онлајн платформа. Во овие училишта, настава со физичко присуство ќе посетуваат само децата од прво до трето одделение, но и за нив е дадено правото на избор, за што родителите ќе треба да се изјаснат со писмена изјава.
Министерката за образование и наука истакна дека е свесна дека секој наставник, ученик, родител има свои желби и размислувања за тоа како треба да изгледа наставата, но треба да се најде баланс меѓу заштитата на јавното здравје и учењето.
Царовска рече дека со заеднички заложби е сигурна оти успешно ќе се доведе до крај и оваа училишна година.
На состанокот, средношколците побарале да бидат вклучени како рамноправен партнер во сите политики коишто се однесуваат на младите и учениците. На средбата бил донесен и заеднички заклучок дека продолжува соработката и дијалогот меѓу средношколците, наставниците, родителите, Министерството за образование и другите институции, со цел да се најде најдоброто решение за наставата и образовните процеси во услови кога земјата се соочува со пандемија.
Претставниците на Иницијативата на родители изразиле задоволство што Владата нуди комбиниран модел за започнување на учебната 2020/2021 година, информираат од кабинетот на Царовска.