Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денес имаше координативен онлајн состанок со над 200 директори од основни и средни училишта во државата. На состанокот се разговараше за сите актуелни прашања и за организираноста за стартот на учебната година во услови на пандемија.
Министерката во разговор со директорите истакна дека пандемијата го забрза процесот на дигитализација и воспоставувањето на онлајн платформата, но го забрзува и целиот процес на модернизација на образовниот систем.
Царовска истакна дека за првпат државата создава еден ваков сложен онлајн систем за исклучително краток рок и секако дека ќе има предизвици коишто заеднички ќе се надминуваат.
– Платформата ја правиме не само за да ја надминеме ковид-состојбата, туку и за да биде поддршка и понатаму во наставата. Предизвици ќе има, но најважно е сите да покажеме грижа кон учениците и да ја започнеме наставата на први октомври – рече Царовска.
Од МОН најавија дека редовната координација на министерката со директорите продолжува и во наредниот период, со цел да се надминуваат предизвиците и да се обезбеди непречена настава во време на пандемија.