По повод Меѓународниот ден на просветителството
Светот денес оддава почит на луѓето кои одбрале да се занимаваат со најблагородната професија, а тоа е просветителството. Денес е 5 октомври – Меѓународен ден на учителките и учителите и јас, како министерка за образование и наука која секојдневно комуницира и работи со нив и заеднички овозможуваме непречена едукација на младите во нашата земја во нормални и во вонредни услови за работа, а притоа, паралелно и партнерски работиме на крупни промени за подобро образование, им го честитам празникот, истакна министерката за образование Мила Царовска.
– Живееме во време кога суштината на образованието и потребата од квалитетна едукација на децата особено доаѓа до израз. Здравствената криза ни покажа колку образовниот систем е кревок, а предизвиците кои ги донесе пандемијата можат многу негативно да се одразат на знаењето на учениците, особено кај најмалите и да создадат празнини кои тешко дека некогаш ќе можат да се надоместат, доколку немаме квалитетен наставен кадар кој ќе успее ефектите од тие предизвици навремено да ги анулира и да ги заштити нашите деца – додаде министерката.
Нашата држава, потенцира Царовска, има наставен кадар кој е посветен на работата, одговорен и подготвен да реагира кога учениците се засегнати од негативни појави и влијанија и да ги одржи на вистинскиот пат за остварување на очекуваните резултати од учењето, за да бидат подготвени за живеење и работа во новиот свет на 21 век.
– Уверувам дека актуелната Влада е и ќе продолжи да биде вистински предводник на процесот за подигнување на достоинството на наставниците. Повисоки плати, повеќе можности за кариерен и професионален развој и подобри услови за работа беа целите на кои бевме посветени во изминатите неколку години и ќе бидеме уште повеќе во периодот пред нас. Успеавме да ги зголемиме нивните плати за над 21 процент, да обезбедиме можности да напредуваат во звања и за тоа да добиваат повисоки месечни приходи како додаток на плата, да ги подобриме условите во кои работат преку инвестиции во инфраструктурата и во набавка и модернизација на опремата и нагледните средства за поедноставен, а сепак поквалитетен наставен процес – нагласи Царовска.
Таа најави дека наскоро ќе следат значајни измени на законското решение за наставниците и стручните соработници во основните училишта.
– Иако во моментов постојат политички субјекти кои се противат на неговото усвојување без никаква оправдана причина, туку од чиста политичка побуда, сигурна сум дека ќе постигнеме целосна политичка согласност и ќе ги усвоиме, овозможувајќи им на наставниците полесно да се вработуваат во училиштата, оние кои работат со договори на определено, да добијат трајни решенија и економска и правна сигурност, да почне редовното исплаќање на додатоците на плата кои ги заслужуваат, но исплатата не е правно регулирана, а платата да им се зголемува континуирано со секое зголемување на минималната плата. Само заедно можеме да го направиме образованието поквалитетно, да им овозможиме на децата иднина каква што заслужуваат, а на државата развој во посакувана насока – потенцира Царовска.