Министерката за образование, Мила Царовска, денеска, на седницата за пратенички прашања, рече дека во Министерството во моментот се разговара за системот на вработување на наставниците.

– Да не заборавиме, наставниците беа држени постојано на кратол синџир од претходната власт, на 10 часа, 3 часа, 5 часа, во 10 училишта по еден час, сè со цел да бидат принудени на следните избори да гласаат. Ние тоа го менуваме. Наставниците мора да имаат стабилна работа, наставниците треба да се чувствуваат сигурно, наставниците треба да имаат кариерен развој – рече Царовска.

Министерката посочи дека првпат по 12 години дискусија за кариерен развој на наставниците во основно образование, вчера Владата донела одлука за распределба на наставници ментори и утврдила буџетски средства.

– 12 години ги лажеа, дискутираа, ги ставаа во колективен договор и никогаш не издвоија финансиски средства за ние да можеме да имаме кариерен развој на наставниците. Тоа ние ќе го направиме наредната година. Во јануари се распишува огласот и секоја општина ќе добие наставник ментор затоа што наставниците се срцето на образованието и ќе инвестираме како во учениците така и во наставниците – рече Царовска.

Претходно, во обраќањето министерката истакна дека со новата концепција за основно образование се одговара и на уште едно барање на наставниците – да имаат поголема автономија во наставата, нешто што, како што рече, не е пракса сега.