Меѓународниот универзитетски одбор за доверба на универзитетот ФОН, составен од еминентни добитници на Нобелови награди, сегашни и поранешни министри за образование и политичари, беше промовиран вчера во просториите на универзитетот.
На промоцијата учествуваа нобеловецот професор д-р Роберт Мундел, проф. д-р Едвард Нел, професор емеритус на „Њу скул“ од Њујорк и професор емеритус на фондацијата „Џон Брадемас“, Вили Семлер проф. д-р за меѓународна соработка и развој, „Њу скул“ од Њујорк, проф. д-р Карим Еруаки, амбасадор на ОЛА-ДСЦЦ во Африканската унија и професор емеритус на универзитетот ФОН, проф. д-р Нано Ружин, д-р Хенри Абдо, основач и претседавач на „Титаниум капитал“, како и претседател на фондацијата „Џон Брадемас“, и министерот за високо образование, научни истражувања и иновации од Буркина Фасо, д-р по социологија Маига Алкосум.
– Во последните 17 години, нашата работа го направи овој универзитет познат во земјава, но исто така и во регионот. По неполни две децении работа, мислиме дека сега е право време да направиме нешто за нацијата. Ние сме мала земја и среќни сме што се опкруживме со талентирани партнери – кажа на свеченото обраќање претседателот на управниот одбор на универзитетот ФОН, магистер Сефер Цановски.
Професорот Нано Ружин изјави дека оваа иницијатива претставува стратегиски потег и дека на овој начин се отвора меѓународниот пазар за студентите. Професорот Абдо кажа дека планира да направи глобални кампуси на ФОН-универзитетите во Латинска Америка, Африка, Средниот Исток и во Шпанија. На овој начин ќе може да се овозможи меѓународна размена на студенти. Исто така, преку оваа иницијатива наскоро ќе се овозможи доделување целосни стипендии за најдобрите поети и писатели.
– Кога дојдов во земјава пред неколку години првото прашање на кое наидов беше: дали може да ми најдеш работа надвор од земјава? Тоа ми се случи на пасошката контрола, подоцна луѓето што работат на аеродромот и луѓето што ме пречекаа да се пријавам во хотелот ми го поставија истото прашање. Дали може да ни најдеш работа надвор? Прашав дали нешто не е во ред? Подоцна, за жал, сфатив дека тогашната влада ја продаваше својата работна сила како најевтина во Европа, без даноци. Која е поентата за инвестирање во земјава за создавање фабрика и плаќање најминимална плата, без данок. Затоа разбрав што е проблемот и зошто младите луѓе сакаат да си заминат од државата – изјави д-р Хенри Абдо.
Овој настан е организиран во рамките на Меѓународниот ден на образованието, кој се одбележува денеска.