Конечно, треба да сфатите дека криминални зделки како на тоа што сте учени веќе нема во нашиот здравствен систем, рече министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи му на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој во Собранието постави пратеничко прашање за изградбата на новиот клинички центар.

– Клиничкиот центар што вие требаше да го правите беа само обични интерни клиники и требаше да нè чинат 120 милиони евра. Ние ги реновираме за не повеќе од 1 милион евра. Замислете колкава разлика е тоа? Договор потпишавте со компанија која, по неколку месеци, отиде во стечај, замислете каков договор направила претходната влада за таканаречениот нов клинички центар? Нормално е дека го прекинавме договорот. Зошто? Поради тоа што се направи соодветна ревизија на физибилити-студијата, која беше напарвена токму од претходната влада пред повеќе години, која јасно укажува дека гринфилд-инвестиција е многу подобро од браундфилд-инвестиција за клинички центар. Во тој проект влезе и се приклучи австриската влада лично преку канцеларот Курц и како донација ја ревидираа таа физибилити-студија и стигнавме до еден современ и модерен проект на клинички центар како што заслужуваат нашите граѓани, нешто што ќе служи во следните децении за да овозможи интегриран модел на здравствена услуга – рече Филипче.

Министерот посочи дека е направена физибилити-студија со предлог-проект, а две најреномирани европски комапнии аплицираа и се квалификуваа во втората фаза на конкурентниот дијалог – германската „Вамед“ и француската „Буиг констракшн“.

Филипче уште еднаш ја повика опозицијата заедно да го сработат овој проект, односно да го поддржат законот.

– Во самиот закон ставивме дека ќе има независен финансиски ревизор заради тоа што сакаме со тој закон да дозволиме девете компании да дадат една понуда да не ги изгубиме врвните европски компании да ни го овозможат своето искуство и можностите, конечно, да направиме клинички центар каков што нашите граѓани заслужуваат. Ве повикувам да бидете дел од тој процес, да бидете дел од процесот што го мониторира и го следи изведувањето на проектот. Еднаш да покажеме дека нема разлика помеѓу власта и опозицијата кога станува збор за еден таков важен проект – рече Филипче.

Министерот потенцира дека целиот процес е јавен и транспарентен укажувајќи дека поминало времето кога големи иновативни компании си оделе од нашата земја.

– Во ваше време замина ‘Астра зенека’, која сега, замислете, прозиведува вакцина, замина ‘Глаксо’ поради криминалниот увоз на паралелни лекови кога којзнае што носевте и ги труевте граѓаните на Република Северна Македонија – рече Филипче.