Директорката на Клиниката за кожни болести е заразена со коронавирус. Таа пред една недела се вратила од Италија и една недела одела на работа. Министерот за здравство, Венко Филипче, изрази огромна разочараност поради непочитување на апелот за самоизолација по пристигнување од ризичен регион.
– Доцна синоќа беше дијагностицирана пациентка позитивна на коронавирус, претпладнево се сместува на клиниката за Инфективни болести. Нејзината состојба како и на двајцата сопружници е стабилна, има лесна клиничка форма, додека состојбата на првозаразената е целосно стабилизирана. Станува збор за наша колешка, лекарка – рече Филипче.
Тој кажа дека е огромно разочарувањето поради тоа што не се почитуваат препораките за автоизолација во период од 14 дена по пристигнување од ризични региони.
– Секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат сериозно. Не можеме да ги затвориме границите, ниту една европска земја го нема направено тоа – кажа министерот.
Филипче кажа дека можно е денеска одделот каде што работела докторката да биде целосно затворен. Според проценка на епидемиолозите можно е сите вработени и пацинети да се испратат во домашна изолација, а сите прегледи ќе бидат насочени кон други јавни здравствени установи.
– Добро е што колешката во изминатата недела немала ден во амбуланта па немала контакт со пациенти од надвор – рече Филипче.
Бројот на заразени со коронавирус во државата е четири. На првозаразената пациентка во текот на денешниот или утрешниот ден ќе ѝ биде направен контролен тест за да се утврди дали ќе биде пуштена од болница. Утре завршува и 14-дневниот карантин на сопатниците и на возачот од комбето со кое патувала првата пациентка.
Филипче уште еднаш потенцира дека секој кој доаѓа од ризичен период и да нема симптоми при доаѓање во земјата мора да остане во автоизолација 14 дена.