Фото: Игор Бансколиев

КАКО ДА СЕ ИЗВЛЕЧЕ ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС ОД ПОЛИТИЧКИОТ ЛАВИРИНТ ВО КОЈ Е ЗАПАДНАТ

Ажуриран избирачки список треба да биде приоритет за легитимни и демократски избори. Со неажуриран избирачки список во периодот откако се одложени изборите, неколку илјади млади луѓе, кои во меѓувреме се стекнале со право на глас, ќе бидат лишени од тоа уставно право, а со тоа се загрозува демократичноста на изборниот процес и се прави повреда на легитимитетот на изборната постапка, вели Ставре Џиков, поранешен државен обвинител и член на ДИК од почетокот на македонската независност

И покрај усогласеноста на политичките чинители дека парламентарни избори секако ќе се одржат, процесот на договарање за терминот и начинот за продолжување на прекинатите изборни активности се претвори во правно- политички лавиринт, но и повод за судир на партиските разлики и интереси. Навистина, Министерството за здравство веќе ги одреди безбедносните протоколи за водење изборна кампања и за спроведување на изборите, но и понатаму се бараат правните механизми за изборните дејства да се вградат во правна норма. Според одредени толкувања, во согласност со владината уредба, претседателот на ДИК на 22 март го потпишал заклучокот за прекинување на изборните дејства и за нивно продолжување по укинувањето на вонредната состојба. Уставниот суд не поведе постапка за владината уредба со која ДИК беше задолжена да ги запре сите предизборни активности, што според некои толкувања значи дека веднаш по завршувањето на вонредната состојба, во рок од 22 дена, треба да се одржат изборите. За постапување според ваквото толкување, се наметнува временската рамка за ажурирање на избирачкиот список, увидот во него, и кој е надлежен да го нормира тоа. Има ли доволно време и како да се спроведе тоа. Правните експерти имаат свои гледишта на целата ситуација.

– За да се испочитува легитимитетот, па и легалитетот на изборите, нужно е секогаш да се почитува Уставот, во секоја состојба. Според Уставот, никому не треба да му биде одземено правото на гласање, со неажуриран избирачки список. Со неажуриран избирачки список во периодот откако се одложени изборите, неколку илјади млади луѓе, кои во меѓувреме се стекнале со право на глас, ќе бидат лишени од тоа уставно право, а со тоа се загрозува демократичноста на изборниот процес и се прави повреда на легитимитетот на изборната постапка. Доколку се укине вонредната состојба, општеството се враќа во нормална правна ситуација, со која треба да се потврди демократскиот капацитет на државата со спроведување нормални, фер и демократски избори – вели Ставре Џиков, поранешен државен обвинител и член на ДИК во почетокот на македонската независност.

Џиков смета дека со укинување на вонредната состојба не смее да се применува уредбата за прекинување на изборните дејства, бидејќи тогаш таа ќе нема правна важност во однос на ДИК и во однос на спроведување фер изборен процес. Поранешниот државен обвинител нагласува дека со укинување на вонредната состојба се применува редовната законска регулатива, а во однос на изборите придржување до Изборниот законик и надлежностите на ДИК, но пред сѐ е нужно ажурирање на изборниот список.

Во однос на ажурирањето на изборниот список, во јавноста се наметнува предизвикот, бидејќи тоа дејство еднаш било завршено, а сега треба да се повтори, како да најде правен механизам Владата да ги вгради тие изборни дејства во правна норма. Во контекст на правните предизвици влегува и прашањето дали постои потреба за повторно распишување на изборите, односно активирање на решението на претседателот на Собранието за распишување на изборите. Професорот од управно право, Борче Давитковски, смета дека и по тоа прашање треба да се постапува според уставните надлежности.

– Сметам дека е сосема легитимно, кога ќе се укине вонредната состојба, претседателот на Собранието да ја укине својата стара одлука за распишување на изборите, поради правна и фактичка невозможност за извршување на тоа решение и потоа со ново решение да ги активира изборните активности, откако политички ќе биде постигната согласност за терминот за одржување на изборите. Иако претседателот на Собранието си постави своевидно правно ембарго за својата улога за одлучување во однос на изборите, во Уставот се вели дека претседателот на Собранието е тој што ги распишува изборите и го одредува датумот за нивно одржување. Формалноправно датумот за одржување на изборите е надлежност на претседателот на Собранието: правното решение (кое не се совпаѓа секогаш со политичките интереси) за оваа ситуација околу изборите е – секој да си ги оствари своите уставни и законски надлежности – вели професорот Борче Давитковски.
Според Давитковски, како извесно проблематично интермецо со правен вакуум може биде периодот од 15 до 20 дена, кога Владата нема да може да носи уредби со законска сила, но тој смета дека со укинување на вонредната состојба ќе нема да има потреба од нив, зашто тогаш веќе ќе се функционира според редовната законска регулатива.