Комитетот на Европските зелени предложената итна Резолуција за отпочнување на пристапните преговори на Европската унија со Македонија и Албанија, за која се расправаше, ја изгласа на денешната сесија. Во Резолуцијата се истакнува:
“И покрај континуираните препораки на Европската комисија, Европскиот совет веќе неколку пати не дозволува да започнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Двете земји беа уверувани дека преговорите ќе може да започнат, откако тие ќе ги исполнат барањата. Северна Македонија и Албанија ги исполнија тие барања, но Европскиот совет го прекрши ветувањето на Европа. Со Декларацијата од Солун донесена во 2003 година, ЕУ јасно го изрази ставот дека земјите од Западен Балкан треба да се интегрираат во Евро-атланските структури и да станат членки во Европската унија. Северна Македонија вложи исклучителни напори за да ја отвори вратата кон Европа, со склучувањето на билатералните договори со Бугарија, а особено со историскиот Преспански договор со Грција. Земјата направи исклучително тешки и истовремено многу храбри чекори за да се надмине децениската блокада и безизлезност. Но, Европскиот совет направи страшно предавство спрема земјата, наместо да ги награди овие напори.
Одреден број на земји членки се премислуваа и во минатото, што е неприфатливо. Овојпат, Франција, Данска и Холандија ја блокираа Албанија, а само Франција ја блокираше Северна Македонија. Со овие одлуки е направена грешка со историски димензии. Ги повикуваме нашите членки – зелените партии во Холандија, Франција и Данска, да извршат влијание врз нивните Влади да не ги блокираат пристапните преговори.
Европските Зелени не го прифаќаат ова „статус кво„. Ние ги поддржуваме напорите на нашите партнери во Северна Македонија и Албанија за вклучување на земјите во Европското семејство на нации, а особено ги цениме напорите на нашите членки Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во Северна Македонија и Partia e Gjelbër во Албанија. Ја повторуваме и истакнуваме нашата цврста решеност да се повлече ветото што ги затвори вратите за овие две земји. Европските Зелени го повикуваат Европскиот совет уште пред Самитот во Загреб во мај во 2020 година, да се наврати на темата за проширувањето, а негативните одлуки да бидат повлечени.
Му се заблагодаруваме на Финското ротирачко претседателство со ЕУ за напорите да се надмине оваа блокада и го повикуваме Хрватското претседателство да направи се што е потребно за најпосле ЕУ да го одржи ветувањето дадено на своите соседи во Западен Балкан – Северна Македонија и Албанија”.