Владата на Република Македонија на последната седница ја усвои Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“ (2018-2027), а Македонија доби искрена поддршка и честитки за започнатиот процес на деинституционализација на 20. Сесија на Комитетот за правата на лицата со попреченост што се одржа неделава во Женева, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.
– Владата на Република Македонија е посветена да ги трансформира гломазните социјални установи кои нудат институционална грижа за различни категории корисници во социјални сервиси во лолалната заедница. Бројни активисти и лица со попреченост, ескперти, практичари, претставници на академската заедница, политички актери и јавни фигури дадоа значајна поддршка и придонес во овој процес – рекол во своето обраќање пред Комитетот Душан Томшиќ, посебен советник во Кабинетот на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, кој ја предводеше делегацијата во Женева.
Томшиќ, стои во соопштението, истакнал дека сериозноста на намерите на Владата и на Министерството за труд и социјална политика за спроведување на процесот на деинституционализација се гледа во тоа дека е воведена нова буџетска линија за оваа намена на која на транспарентен начин можат да се видат финансиските средства наменети за овој процес.