Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на денешната седница донесе одлука за продолжување на стратегијата за состојбата на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија, таа да се достави до Владата, а потоа и до Собранието.
На седницата, како што соопшти владината прес-служба, беше разгледана информацијата за подготвеноста на надлежните институции во Република Македонија при евентуална појава на пожар, како и за итните мерки за справување со овие појави.
– Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи го задолжи Центарот за управување со кризи, во најкраток можен рок, да формира оперативно координативно тело за заштита на шумите од пожари во претстојниот период, со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Управата за хидрометеоролошки работи, ЈП Македонски шуми, Шумската полиција и ЗЕЛС, како и да определи лице кое ќе биде одговорно за координирање на ова оперативно тело, со цел навремено координирање на активностите во насока на преземање на соодветни активности за спречување на појава на пожари на територијата на Република Македонија – се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Како една од препораките од оваа седница е и предлогот МЗШВ, како што се наведува, доколку оцени за потребно, да воведе ограничување на движењето на сите лица во шумите, како и да ја информира соодветно јавноста за постоење на забраната за палење на стрништата како превентивна мерка за заштита од појава на шумски пожари и за опасноста од настанување на шумски пожари, за штетните последици од шумските пожари, за нивна превенција, како и за висината на казните за предизвикување на пожари согласно одредбите од Законот за шуми.
На оваа седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи МВР и Граничната полиција и Шумската полиција се задолжени да го интензивираат патролирањето и легитимирањето во шумските предели во претстојниот период.
ЗЕЛС и сите единици на локалната самоуправа во Република Македонија, во наредниот период треба да ја зголемат соработката и координацијата со регионалните центри за управување со кризи, како и да го промовираат користењето на контактите преку бесплатниот телефонски број за итни повици 195, кој е достапен 24 часа на целата територија на Република Македонија, и други мерки согласно нивните надлежности.
На денешната седница е препорачано Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК), при итни и неодложни потреби да го информираат Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, со цел потоа да се достави усогласен предлог до Владата на Република Македонија за активности што треба да се преземат.