Во име на американскиот народ, Ви честитам за ратификацијата и имплементацијата на Договорот од Преспа. Ова е најисториското достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор и сведочи за Вашето храбро лидерство, се наведува во писмото на претседателот на САД Доналд Трамп кое го испрати денеска до премиерот Зоран Заев.
Како што соопштија од прес-службата на Владата, Трамп во писмото му честита на Заев за лидерството и посветеноста, и нагласува дека Северна Македонија е голем партнер на САД
-Во име на американскиот народ, Ви честитам за ратификацијата и имплементацијата на Договорот од Преспа. Ова е најисториското достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор и сведочи за Вашето храбро лидерство. Преку Вашите напори со премиерот Ципрас, обезбедивте постабилна и попросперитетна иднина, не само за вашите две земји, туку и за целиот регион. Вашата земја сега ќе го заземе местото кое ѝ припаѓа во Северноатлантската алијанса како Република Северна Македонија. Се надевам дека Договорот од Преспа ќе послужи како инспирација за другите држави во регионот. Тој ја потенцира суштинската вистина дека со политичка храброст и способност за фокусирање на долгорочна корист наспроти краткорочни ризици, лидерите може да направат тешки компромиси кои се неопходни за да ги насочат своите земји на пат кон посветла иднина. Уште еднаш Ви честитам за лидерството и посветеноста да го доведете овој процес до неговиот крај, од преговорите преку ратификацијата па сè до неговата целосна имплементација. Северна Македонија е голем партнер на Соединетите Американски Држави. Ние се радуваме што ќе можеме да ве пречекаме како наш 30-ти сојузник во Северноатлантската алијанса и да продолжиме со нашата заедничка работа со цел да обезбедиме мир и просперитет на Западен Балкан, пишува Трамп во писмото до Заев.