Факултетското студентско собрание (ФСС) на Филозофскиот факултет во Скопје бара да запрат активностите на Министерството за наука и образование за реформи во основното образование откако на денешната седница го разгледа т.н. Концепт на работната група на МОН. Во продолжение ви го пренесуваме соопштението во целост.
На седницата одржана на 24.12.2020 година, Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет во Скопје го разгледа т.н. Концепт на работната група на МОН за реформи во основното образование. По широка и исцрпна дискусија, Факултетското студентско собрание ја информира јавноста за следново:
Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет во Скопје (ФСС на ФЗФ) е легитимен претставник на над 2 000 студенти од прв, втор и трет циклус на Филозофскиот факултет.
Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет во Скопје целосно ги поддржува ставовите на Институтот за Историја, Историја на уметноста и археологија и Социологија, кои бараат целосен прекин на активностите во врска со овие т.н. реформи.
И обрнуваме внимание на јавноста дека со споменатата реформа не е засегнат само предметот историја, туку и предметите граѓанско образование, етика и класична култура во европската цивилизација, за кои кадарот произлегува од институтите за историја, историја на уметност и археологија, филозофија, социјологија и класични студии, сите дел од Филозофскиот факултет во Скопје.
Според нас, ова значи дека се загрозува иднината на сите сегашни и идни наставници и професори од сферата на општествените и хуманистичките науку, а поточно од споменатите институти, чија матица и расадник е Филозофскиот факултет.
На студентите им е навистина преку глава од сите досегашни експерименти во образованието, од кои голем дел почувствувале на сопствена кожа уште во текот на нашето образование.
Поради сево ова, став на ФСС на ФЗФ е дека не може да поддржи набрзина подготвените реформи, и бара активностите да запрат.
За крај, нека биде кажано дека ние, студентите на Филозофски факултет, а веруваме и голем дел од младите во Македонија, ги сфаќаме патриотизмот и љубовта кон татковината не како недостаток достоен за прекор, туку напротив, како доблест и особина со која се гордееме.