Премиерот, Оливер Спасовски, со видео порака упати честитка по повод 5 мај – Ден на македонскиот јазик.
– Нека ни е честит 5 мај – Денот на македонскиот јазик.
Денеска го одбележуваме овој значаен ден во реалност која е современа, но неспорна: го зборуваме јазикот македонски, со нашата азбука, како официјално писмо. Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавањето, на пробивот, на препознавањето, на кодификацијата и на признавањето.
Сега нам ни останува да го чуваме и унапредуваме. Таа наша обврска има уште поголема важност ако се има предвид улогата на големите дејци, Мисирков и Конески.
Посебноста на македонскиот јазик е впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и на земји членки на Обединетите Нации каде што покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик.
Македонскиот јазик се користи слободно, секаде, низ целиот свет.
Овој ден не обврзува уште еднаш да испратиме јасна порака, дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ. Токму поради тоа, Владата го прогласи 5 мај за Ден на македонскиот јазик. Тоа е денот кога во 1945 година, Народната влада на Федерална Македонија го објави решението за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо на нашиот јазик.
Денес, наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднината, а иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина.
Нашиот, македонски јазик, самосвеста за неговата закрила, коренот на нашето битие, заштитникот на нашиот идентитет и иднина, е света обврска за сите нас.
Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации.
Да го чуваме и унапредуваме, и достојно да му го предаваме на сите генерации после нас – вели Спасовски во честитката по повод Денот на македонскиот јазик.