Република Македонија во сите иницијативи што се однесуваат на земјите-кандидати за членство во ЕУ, што гарантираат поголема стабилност и безбедност, зема активно учество и јасни сме во нашата порака дека ќе направиме се во нашите пристапни преговори но и во рамките на сите овие иницијативи што се отвораат со земјите од регионот, со цел да го направиме побезбеден Балканот.
Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред почетокот на Состанокот на француско-германската иницијатива за координација на донатори во врска со нелегалната трговија со огнено оружје во Западен Балкан.
– Оваа иницијатива како дел од Берлинскиот процес и овие семинари што се спроведуваат, особено за борбата против малото и лесно оружје, знаеме дека еден добар дел од ваквото оружје се наоѓа на овие простори е само еден чекор. Постојат и други иницијативи што ќе ја подобрат ефикасноста на институциите на Република Македонија и мене ми е чест што имаме можност што со поддршка на Франција и Германија да го реализираме овој проект – рече Спасовски.
Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние рече дека ова е многу значајна француско-германска иницијатива која што беше презентирана во текот на самитот на Берлинскиот процес во Трст.
– Целта е да се ослободи просторот на Балканот од лесното оружје што циркулира без контрола. Ова е многу значаен настан. Многу сме задоволни што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски прифати да го отвори овој семинар и на тој начин македонските власти да покажат колку е важно борбата против илегалното оружје со мал калибар – рече Тимоние.
Посочи дека ова е значајна етапа од патот на Македонија во Европската Унија, и е илустрација на „француско-германската волја целосно да ве придружуваат на вашиот пат кон ЕУ“.
Министерот Спасовски ќе одржи воведно излагање на состанокот, на кој ќе присуствуваат и експерти од македонското МНР. На состанокот, Франција е кодомаќин, застапувана од Жан-Клод Брине, амбасадор за транснационални криминални закани и борба против недозволена трговија со МЛО при француското Министерство за Европа и надворешни работи, заедно со Германија, застапуван од Маркус Блеинрот, директор за контрола на конвенционалното оружје при германското Министерство за надворешни работи.
По завршувањето на состанокот, попладнево на прес-конференција шефовите на француската и на германската делегација ќе информираат за текот и за заклучоците од состанокот.
Германија и Франција, препознавајќи ја потребата од покоординирана акција за справување со проблемите со МЛО во регионот на Западен Балкан, почнаа заедничка иницијатива за координација на донатори за нелегална трговија со огнено оружје и сеопфатна контрола на МЛО.
На 11 декември, Франција ќе биде домаќин на конференција на високо ниво во Париз за да се разгледаат резултатите од донаторските координативни состаноци, да се презентираат локалните акциони планови за имплементација на Регионалниот план и да се идентификуваат донаторските придонеси за негово финансирање.
Кон крајот на 2019 година, Германија ќе биде домаќин на мониторинг конференција во Берлин, кога ќе се разгледа првата година од имплементацијата на Регионалниот план и на националните акциони планови.