Пратениците во рамки на денешната 66-та пленарна седница расправаа за повеќе предлог законски измени, меѓу кои предлогот законот за јавни набавки и дополнувањата на законот за лекови и на законот за ученички стандард, сите во прво читање.
По завршување на расправата по петтата точка, Претседателот на Собранието Талат Џафери, ја прекина седницата и кажа дека за гласањето по точките кои беа поминати ќе биде дополнително информирано.
Последна точка, што беше разгледана од пратениците беа дополнувањата за Законот за ученички стандард во прво читање.
Заменик-министерот за образование Петар Атанасов, рече дека во ова предлог-законско решение постои можност да се доделат средства за ученички домови и тоа со писмено барање за режиски трошоци, кои се неопходни за нивно работење. Посочи дека за ова е потребна дозвола и од Министерството за финансии.
Пратениците во владејачкото мнозинство, посочија дека постапката е нужно решение за настанатите состојби, за кои причина е несовесното работење од претходните менаџерските тимови, додека според опозицијата менаџерот на институцијата има обврска совесно и одговорно да работи, а не министерството за ги плаќа долговите.
Пред паузата пратениците расправаа по Предлог законот за јавни набавки во прво читање, со кој се предвидува економски најповолна понуда да биде главниот критериум за избор во јавните набавки, а ќе овозможи и поголемо учество во јавните набавки и на малите и средните претпријатија.
Заменик-министерката за финансии Ширет Елези образложувајќи го законот изјави дека усвојување на новииот закон за јавни нававки има за цел усогласување со ЕУ законодавството, воедно ќе се обезбеди транспарентно и рационално трошење на јавните средства, ќе се воспостави обврска за задолжително објавување на договорите, како и поедноставување на јавните постапки. Се воспоставуваат и нови правила за следење на јавните набавки, се воведува и електронска жалба, како и прекршочни одредби.
На дневниот ред на 66-тата Седница на Собранието на Република Македоија се вкупно 16 точки, меѓу кои и предлог Законот за возила и за Законот за данок на личен доход.