Снегот кој изобилно падна во Прилеп ( снежна покривка од 22 цм) беше повод денеска за реакција од ОК на ВМРО ДПМНЕ и контрареакција од ЈКП „Комуналец“.
Од ОК на ВМРО ДПМНЕ велат дека и покрај најавите за обилни врнежи од снег, локалната власт предводена од СДСМ на чело со градоначалникот Илија Јованоски и оваа година се чини дека била изненадена од снегот.
– Иако за зимско одржување за сезоната 2020/2021 година е склучен договор во висина од 12 милиони денари, сепак Градоначалникот и службите во локалната самоуправа, целосно потфрлија и уште еднаш по којзнае кој пат го покажаа сопственото незнаење за тоа како да раководат со градот. Најголемиот дел од градските улици се целосно неисчистени, а за периферните делови од градот, да не ни споменуваме. За жал жителите на Општина Прилеп повторно се оставени на милост и немилост, затоа што надлежните не знаат како да реагираат согласно временските неприлики. Последиците од овој несериозен однос, имавме можност да ги почувствуваме особено во текот на вчерашниот ден кога движењето на пешаците и на возилата низ градските улици кои беа подмрзнати и неисчистени, беше крајно ризично и се одвиваше во хаотични услови – посочија на прес конференција од ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп, потонецирајќи дека можеби градоначалникот Јованоски, ја дополнил предизборната програма, па во неможност да ги реализира ветените проекти, ќе реализира проект со кој Прилеп го претвора во зимски туристички центар?
Од ЈКП „Комуналец“ Прилеп во писмено известување посочија дека по обилните врнежи од снег, комуналците од утрото се на терен и го расчистуваат најпрво централното градско подрачје, а потоа и сите тротоари на булеварот и тротоарите на главните улици. Биле исчистени приодите на пешачките премини, отворени патеки за движење низ плоштадите, а се работело и на отворање патеки низ парковите. Од страна на ангажираните служби од Локалната самоуправа за чистење на улици комплетно е исчистен булеварот и сите поголеми патни артерии низ градот, а според Програмата за работа се чистат и помалите улици.
-Со чистење ќе се придолжи во текот на целиот ден, со цел граѓаните да можат непречено да се движат низ градот, впрочем тоа е наша обврска, да овозможиме и по вакви големи врнежи од снег нормално одвивање на животот во градот – истакнува Сашо Велески, првиот човек на ,,Комуналец,,.
Од ЈКП,, Комуналец,, ги замолуваат граѓаните за трпение, зашто комуналците како и секогаш низ годиниве си ја извршуваче работата во најкраток можен рок, а секоја упатена намерна или ненамерна критика дополнително ја стимилирало комуналската мисија за чист, уреден и убав Прилеп.
Ка.М.