Патријархот Вартоломеј демонстрира нова потврда за опстојување на својата визија за православието
Верските аналитичари, иако не очекуваат брз развој на настаните, сепак во оваа посета препознаваат доследност во чекорите на вселенскиот патријарх, што е важно за МПЦ-ОА. Вселенскиот патријарх Вартоломеј минатата недела оствари посета на Киев, Украина. Тој беше поканет од претседателот Владимир Зеленски да ја прослави 30-годишнината од независноста на Украина
Дали посетата на Украина од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј е потег што влева нова надеж за Македонската православна црква – Охридска архиепископија и наедно проекција дека на идентичен начин би можело наскоро да се реши македонското црковно прашање? Значи ли таа посета дека Вселенската патријаршија цврсто опстојува на своите позиции за решавање на отворените прашања во православниот свет?
Иако Руската црква беше голем противник на оваа посета на Вартоломеј на Украина, сепак таа се случи. Со тоа во православната црковна јавност се испрати една силна порака на сериозност кон процесите што вселенскиот патријарх ги почнал, а меѓу нив, секако, е и македонското црковно прашање.
Верските аналитичари, иако не очекуваат брз развој на настаните, сепак во оваа посета препознаваат доследност во чекорите на вселенскиот патријарх, што е важно за МПЦ-ОА.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј минатата недела оствари посета на Киев, Украина. Тој беше поканет од претседателот Владимир Зеленски да ја прослави 30-годишнината од независноста на Украина.
На 5 јануари 2019 година, Вартоломеј потпиша томос за автокефалноста на новоформираната православна црква на Украина. За возврат, претседателот Петро Порошенко му го додели највисокото украинско одликување.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека посетата на вселенскиот патријарх Вартоломеј во Украина, бездруго, е нова потврда дека тој опстојува на својот курс и дека нема да има никакво премислување околу издадениот томос за автокефалноста на Украинската православна црква. Според него, тоа е она што е охрабрувачко и за МПЦ-ОА.
– Тоа потврдува и дека вселенскиот патријарх остана имун на сите досегашни притисоци на кои е изложен од блокот на православни цркви предводен од Руската православна црква. Тоа значи дека онаа политика што ја води во изминативе години, а чија главна одлика е ставот дека православието треба да се обединува и дека никој народ не смее да биде надвор од него – ќе продолжи и натаму – заклучува Ѓорѓевски.
Гледано временски, според аналитичарот, дали во скора иднина би можело да се очекува и некакво поместување во однос на МПЦ-ОА, сепак не би бил претеран оптимист дека во најскоро време Вселенската патријаршија би можела да донесе одлука во однос на македонското црковно барање.
– Мислам дека ВП ќе почека на смирување на состојбите во Црна Гора, која внесе многу нервоза на Балканот, а се однесува и на црква што треба да ги почувствува последиците на одлуката на патријаршијата во однос на МПЦ – додава тој.
Освен ова, Ѓорѓевски смета дека и вселенскиот патријарх би сакал да добие поддршка и од некоја друга православна црква.
– Да добие поддршка, на пример од Албанската православна црква на чие чело е поглавар што е Грк по националност. Но таа поддршка архиепископот Анасатсиј сѐ уште не ја дава. Смета сигурно и на ерусалимскиот патријарх Теофил, но и од него сѐ уште нема поддршка. Значи, процесот се движи, но бавно, нешто што не треба да нѐ обесхрабрува – додава тој.
Во јуни годинава, претседателот Стево Пендаровски оствари средба со патријархот Вартоломеј во Вселенската патријаршија во Фанар, Истанбул, каде што бил пречекан со биење на црковните камбани, чин што означува висока почит за гостинот.
По средбата, тој потенцираше дека вселенскиот патријарх има особена улога во надминувањето на црковниот спор. Истовремено, Пендаровски повика на што поскоро надминување на спорот, затоа што, како што посочи, раната на едно место во православниот свет боли во целиот православен свет.
На средбата се разговарало за состојбите во православниот свет, улогата на Вселенската патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии. Во таа насока, Пендаровски ја истакнал важноста на улогата на вселенскиот патријарх во поттикнувањето дијалог за сите отворени прашања во православниот свет.
Минатата година, пак, се случи нова дипломатска иницијатива на македонскиот државен врв за враќање на црковното прашање на масата на вселенскиот патријарх. Прво претседателот Пендаровски, а потоа и премиерот Зоран Заев испратија писма до Вартоломеј, во кои побараа тој да го искористи апелациското право како дел од неговите канонски надлежности и да го реши црковното прашање за МПЦ-ОА.